Министерството за здравство на Хамас објави дека десетици луѓе, меѓу кои и жени и деца, загинале или се повредени во експлозија во бегалски камп во областа Рафах, пренесува Би-би-си.
Израелските одбранбени сили (ИДФ), во објава на социјалната мрежа Икс, потврдија дека извршиле воздушен напад врз објект на Хамас во областа.
Вчера, Хамас истрела осум ракети од Рафах кон Тел Авив, што е прв напад со долг дострел врз градот од јануари. На снимките од јужниот дел на Појасот Газа, што се објавени на социјалните мрежи, може да се види дека имало голема експлозија и интензивни пожари.
Хамас соопшти дека израелскиот воздушен напад погодил камп за раселените Палестинци северозападно од Рафах, кој е далеку од неодамнешните воени операции во одредена зона за хуманитарна безбедност.
ИДФ соопшти дека цел биле милитантите на Хамас во областа и оти се запознаени со информациите дека нападот предизвикал пожар кој предизвикал штета на цивилите.
„Нападот беше изведен против легитимни цели според меѓународното право, преку употреба на прецизна муниција и врз основа на прецизни разузнавачки информации кои укажуваа на присуството на Хамас на областа. ИДФ е запознаена со извештаите кои укажуваат дека како резултат на ударот и последователниот пожарот, неколку цивили на местото настрадале. Инцидентот се разгледува“ – се вели во објавата од ИДФ на Икс.
Ти додаваат дека елиминирале двајца високи функционери на Хамас – Јасин Рабија и Калед Нагар.
Министерството за здравство на Хамас, пак, соопшти дека во израелскиот напад загинале 35 лица, а десетици се повредени.
Портпаролот на палестинската Црвена полумесечина, како што пренесува новинската агенција „Асошиејтед прес“, рече дека бројот на загинати најверојатно ќе се зголеми и оти се продолжува со напорите за пребарување и спасување во населбата Тал ал-Султан во Рафах, околу два километри северозападно од центарот на градот.
Претходно вчера, се огласија сирени за воздушен напад околу Тел Авив, додека централен Израел беше под оган од ракети на Хамас истрелани во близина на Рафах. Осум ракети или биле пресретнати од противвоздушни одбранбени системи или паднале на полиња.