Денков телефонски до Ковачевски: Ги чекаме измените во Уставот

Во двете земји има сили кои не сакаат добрососедски односи и се обидуваат да поттикнат тензии. Во оваа средина бугарскиот кабинет ќе биде извор на мир. Но, важно е да нема инциденти во Северна Македонија, а и државата веднаш да реагира доколку дојде до тоа, за да докаже дека се грижи подеднакво за сите свои граѓани, порачал Денков во телефонски разговор со македонскиот колега, информираат од бугарската влада, објави 360 степени.

Новата бугарска влада очекува Република Северна Македонија да ги прифати измените на нејзиниот Устав, како што е договорено со европскиот компромис постигнат во 2022 година. Ова во телефонски разговор со македонскиот премиер Димитар Ковачевски го порачал новоизбраниот бугарски премиер Николај Денков, информираат од бугарската влада.

„Какви и напори да вложиме за позитивен развој на билатералните односи, тие ќе останат во втор план или нема да се реализираат доколку не се реши соодветно прашањето за вклучување на Бугарите во основниот закон на Северна Македонија“, истакнал Денков.

Тој ја потврдил поддршката на Бугарија за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, вклучително и Северна Македонија, „бидејќи тоа е во интерес на сите“.

За разговорот информираа и од македонската влада.