Денеска започна грејната сезона: Цевководот под „Беласица‘‘ се уште не е поставен

Грејната сезона започнува денес. Над 60 илјади домаќинства ќе имаат топли радијатори од 6 наутро до 22 часот навечер, во зависност од тоа колку ќе бидат ниски надворешните температури. Засега граѓаните ќе плаќаат фактури по стара цена, велат од Регулаторна.

„Цената на топлинската енергија останува иста. Нова одлука ќе биде донесена откако цевководот на мостот Беласица ќе биде поставен, со што ќе се овозможат услови за детален пресек на трошоците.“

Природен гас е набавен, но ЕСМ не кажува од каде и по која цена.

„Склучен е договор за снабдување со природен гас за топланите Исток и Запад и за подружница Енергетика за месец окомври. Исто така, склучен е договор за набавка на топлинска енергија од когенеративната електрана ТЕ-ТО за месец октомври. Количините на природен гас кои ќе се набавуваат ќе зависат од режимот на работа на когенеративната електрана ТЕ – ТО, која испорачува топлина во системот за централно греење.“

На граѓаните им порачуваат да останат смирени оти парно ќе има за сите и додека опожарениот мост не е саниран.

„Санирани се сите дефекти на дистрибутивната мрежа кои беа лоцирани во текот на летниот ремонтен период, извршени се ладните проби во дистрибутивниот систем како и редовните проверки на подстаниците и на нивната функционалност. Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки на мостот Беласица ќе се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите“- Александра Маројевиќ, помошник на директорот за производство од АД ЕСМ

Но, на Беласица се уште нема никакви активности. Пропаднаа ветувањата на премиерот кој пред 3 недели рече дека цевките на мостот ќе бидат поставени на време.

На терен немаше работници. Ги затекнавме само цевките кои се наредени под мостот веќе трет месец, неколку граѓани кои спортуваат и виснати кабли од железничкиот мост. Местото не е ниту расчистено, па насекаде под мостот се рафрлани изгорени остатоци.

Најпрво треба да се стави нова подлога и држачи, па потоа да се наместат новите цевки. Планот беше тоа да се направи до утре, па се пролонгира и сега рокот е до крајот на ноември.

Проблемите со мостот траат уште од мај кога избувна голем пожар. Два месеца се чекаше ескпертизата која покажа дека е потребна лесна санација, а потоа Градот и ЕСМ „си ја префрлаа топката“ кој треба да го поправи. На почетокот на септември за сообраќај беа пуштени две ленти.