Погребот на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални ќе се одржи во петок во Москва. Со оглед на голготата низ која минала неговото семејство за прво да дојде до неговото тело, а потоа да го организира погребот, вдовицата и соработниците на Навални се убедени дека руските власти нема да дозволат тој да помине мирно.
Тимот на Алексеј Навални објави дека погребот на најголемиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин ќе се одржи во петок на гробиштата Борисовски во Москва по прошталната церемонија во црквата на Богородица во московскиот кварт Марино, каде што живеел Навални.
Гробиштата Борисов се наоѓаат на околу 2,5 километри од градот.
Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, рече дека тимот се борел да најде место за одржување на церемонијата, бидејќи некои погребални компании тврдеа дека се преполни, додека други одбија кога слушнаа дека е погребот на Навални.
„На едно место ни рекоа дека погребалните фирми се забранети да работат со нас“, објави Јармиш на социјалните мрежи.
Тимот на Навални првенствено сакаше погребот да се одржи на 29 февруари, но не можеа да најдат кој да го погреба.
Директорот на Фондацијата за борба против корупцијата на Алексеј Навални, Иван Жданов, оцени дека причина за тоа е обраќањето на Путин пред Сојузното собрание на 29 февруари.
Вдовицата на опозицискиот лидер Јулија Навална изјави дека не е сигурна дали погребот ќе помине добро или дали полицијата ќе почне да апси граѓани и поддржувачи кои дошле да се простат од Алексеј.
Имено, веднаш по смртта на Навални, неговите поддржувачи и граѓани излегоа на улиците да положат цвеќе за починатиот политичар и да запалат свеќи.
Луѓето беа приведувани во градовите низ Русија, како Мурманск, Москва, Ростов на Дон и Санкт Петербург.
Медиумите објавија дека се уапсени околу 400 лица.
Поради мистериозните околности околу неговата смрт, руските власти првично одбија да го предадат телото на Алексеј Навални на неговата мајка Људмила.
Телото конечно беше предадено на семејството по осум дена, по говорот на Јулија Навална.
„Откако Путин првпат се обиде да го убие Алексеј, живеевме во јужна Германија неколку месеци. Алексеј се опорави од труењето, научи повторно да оди и да пишува. Пешачевме многу, понекогаш одевме на кратки патувања. На едно од овие патувања отидовме во Стразбур со децата. Тоа е еден од моите и омилените градови на Алексеј. Бевме таму неколку пати заедно. Сега мојот сопруг е мртов. Се вратив во Стразбур, но повеќе не шетам со семејството. Стојам овде и ви се обраќам вам и на цела Европа“, рече Јулија пред Европскиот парламент.
Според неа, Алексеј бил мачен три години, по што бил убиен, а потоа властите го малтретирале неговото тело и неговата мајка.
Имено, Људмила Навална се пожали дека владата ја уценувала и поставувала услови „каде, кога и како“ да биде погребан Алексеј.
„Тие сакаа тоа да се направи тајно и дека е неопходно да исполнам три услови за да го добијам телото“, рече Људмила во видео обраќањето.
По смртта на нејзиниот син, таа се обратила директно до рускиот лидер Владимир Путин, барајќи да и го предаде телото на Алексеј.
„Владимир Путин, дозволете ми конечно да го видам мојот син“, рече мајката на Навални во видео пораката до рускиот претседател.
Таа побарала „конечно да го предадат телото на Алексеј“ за да може достоинствено да го погреба.
Според пишувањата на медиумите, на Људмила не и било дозволено да разговара за начините на организирање на погребот на нејзиниот син.
Алексеј Навални почина во затвор претходно овој месец. Со години беше најистакнатиот критичар на Владимир Путин.
Неговата сопруга Јулија го обвини рускиот претседател за смртта на Алексеј, како и многу светски лидери.
Јулија изјавила дека се сомнева дека нејзиниот сопруг бил отруен со нервниот агенс Новичок.