Православните христијани се подготвуваат за празникот над празниците – Велигден, во спомен на Христовото воскресение, победата над смртта и гревот.
Денеска е Велипеток – ден обележан со мачење и со камшикување на Исус Христос, денот на кој Христос пострада, тој е најтажниот ден во годината и во православните цркви не се служи литургија.
Воскресението Христово е симбол на мирот, радоста и на разбирањето, тој е суштината на христијанството и потврда на самата вера.
Подготвувајќи се за најсветлиот верски празник Велигден, верниците овие денови ја живеат последната седмица пред Велигден, која се нарекува Страсна седмица.
Во православните цркви, вечерните богослужби на овој ден го одбележуваат времето на смртта и отстранувањето од крстот на телото Господово, кога плаштеницата се става на специјално украсена маса пред олтарот, која симболично го претставува Христовиот гроб. Во некои краишта кај нас е обичај верниците по бакнувањето на плаштеницата да ползат под масата на која таа е поставена.
Велипеток се смета за најтажен ден на христијанството, а на тој ден во црквите не се служи литургија, освен ако не се совпадне со Благовештението. Од Величетврток до Велигден не бијат камбаните на црквите, бидејќи тие се знак на радост во православната црква.
Црковните учења велат дека Исус бил распнат во петок, лежел во гробот во сабота, во градината на Јосиф, а во мугрите во недела бил почувствуван силен потрес и ангелот Божји слетал на гробот. Стражарите што го чувале гробот од страв попаѓале како мртви, а Исус воскреснал.
Велипеток е ден кога под крстот на Христос останале само апостол Јован, Богородица и уште неколку жени. Тоа го сториле мотивирани од љубовта кон Христос.
Велипеток е ден на оплакувањето и молк, по што следува период на исчекување на воскресението.