„Единственото нешто што можам да го кажам во моментов, во овие тешки времиња е дека ќе бидеме дел од иднината, помагајќи ви да го реконструирате овој град и да го направите уште поубав, уште подобар“.
Ова е пораката на министерот за надворешни работи на Грција – Никос Дендиас по средбата во украинскиот град Одеса со вицепремиерката за европска и евро-атлантска интеграција на Украина – Олга Стефанишина.
Дендиас вчера ја предводеше хуманитарната помош од Грција за Одеса, оттаму соопшти дека повторно ќе започне со работа грчкиот конзулат во градот, а освен со Стефанишина се сретна и со началникот на регионалната воена управа на Одеса, полковник Максим Марченко.
„Според нас, нападот врз еден град е најнеприфатливото нешто, тоа е воено злосторство. На Советот на министри на Европската унија ќе го пренесам она што треба да се пренесе. Ги видов, заедно со градоначалникот, подготовките што се направени за да не се уништи културната традиција на градот. Се надевам, кога ќе дојдам повторно, градот да биде добро, да нема претрпено ниту најмал удар и дека ќе можеме да му помогнеме да има светла иднина, бидејќи има светло минато“ – рече Дендиас.