
Демонстрантите против депонија во Пелагонија подготвуваат референдум
Координативното тело на демонстрантите „Против депонија во Пелагонија“ најавува референдум во Битола, а веќе собираат потписи и во Општина Новаци, граѓаните да се изјаснат на референдумско прашање дали се за или против депонија во Пелагонискиот регион. Иницијативата за референдумот ќе ја објават за кусо време.
Координативното тело на демонстрантите „Против депонија во Пелагонија“ најавува референдум во Битола, а веќе собираат потписи и во Општина Новаци, граѓаните да се изјаснат на референдумско прашање дали се за или против депонија во Пелагонискиот регион. Иницијативата за референдумот ќе ја објават за кусо време.
„Сѐ што ќе правиме ќе биде по мирен пат, нема да има политика, оти ова е чисто за здравјето на нашите деца“, рече Зоран Лазаровски од координативното тело.
Демонстрантите наместо депонија во Пелагонија бараат центар за рециклажа, како што велат проект на долги патеки, а не депонија која ќе се наполни со ѓубре за кусо време.
Во исто време поднеле барање до Советот на Општина Битола за отповикување на одлуката околу процесот поврзан со формирање на центарот за управување со цврст отпад во Пелагонија. Најавија и кривични пријави за советниците, а велат дека веќе имаат средби со претставници на власта кои од Скопје доаѓале во Битола да разговараат со координативното тело.
„Бевме во Општина Новаци собиравме потписи за нивниот референдум. Што се однесува до распишување на референдум во Битола поднесовме писмено барање до битолските советници да размислат за проблемот кој ја притиска Пелагонија. Од советниците бараме да ја сменат одлуката за депонија од 52. седница на Советот. Ако ја сменат ќе се откажеме од референдум, ако не, ќе го објавиме“, рече Тони Апостоловски од координативното тело на демонстрантите, синоќа на протест во Битола.
Никола Танчевски, вклучен во координативното тело, вели дека распишувањето на референдум во Битола и општина Новаци е обид да се подзакочи процесот за изградба на депонија и да се поттикне процесот за изнаоѓање на нова локација за овој центар.
„Ако инсистираат на депонија нека биде во Криволак или да се претвори во центар за рециклажа каде Битола ќе го рециклира своето ѓубре и таа дупка во РЕК ‘Битола’ од ископот нема да се наполни за 5 години, како што планираат, туку ќе биде еден бесконечен резервоар. Проектот има доволно пари да се пренамени во рециклажен центар. Главниот проблем со депонијата не е загадувањето на воздухот, туку подземните води, ако тоа ѓубре стигне до подземните води никој не може да остане имун, оти и во Скопје пијат вода од тука и јадат жито од Пелагонија“, рече Танчевски.
Координативното тело веќе подготвува свој веб портал за информирање на јавноста за проблематиката околу депонијата. Инаку, како одминува времето сѐ помалку граѓани присуствуваат на протестите во Битола.
Демонстрантите одлучија како следно, идниот вторник да направат протест со блокирање на сообраќајот во општина Новаци, пред зградата на општината, во период од 13 до 14,15 часот.
Извор: Независен