Дел од камионџиите ја прекинаа блокадата на границите со ЕУ, други продолжуваат

Возачите на камиони во Црна Гора и Македонија денеска ставија крај на блокадите на карго терминалите на границите на ЕУ, откако блокот објави нова визна стратегија која ќе биде пофлексибилна за професионалните возачи кои треба да патуваат низ Европа.

Возачите на камиони во Црна Гора и Македонија денеска ставија крај на блокадите на карго терминалите на границите на ЕУ, откако блокот објави нова визна стратегија која ќе биде пофлексибилна за професионалните возачи кои треба да патуваат низ Европа.

Возачите во овие две земји ги прекинаа блокадите што започнаа во понеделникот, но оние во БиХ и Србија продолжија да го блокираат товарниот сообраќај долж нивните делови од клучниот коридор што ја поврзува ЕУ со Турција и Блискиот Исток, јави Хина.

Демонстрантите претходно истакнаа дека причина за блокадите е правилото на Европската унија, според кое професионалните возачи можат да останат на територијата на ЕУ само 90 дена за шест месеци.

Но, ЕУ во четвртокот ја усвои својата прва визна стратегија, која обезбедува визна флексибилност за високо мобилните професии како што се возачи на камиони, спортисти или уметници.

„Ова е особено релевантно за професионалните возачи од Босна и Херцеговина и регионот на Западен Балкан, но и за други, како што се уметници или спортисти“, објави Луиџи Сорека, шеф на делегацијата на ЕУ во Босна во X.

Македонските камионџии во четвртокот вечерта најавија дека ќе ја прекинат блокадата на товарните делови на граничните премини со Грција и Бугарија, додека црногорските возачи веќе ја укинаа блокадата на јадранското пристаниште Бар.

Сепак, претставникот на српските и босанските возачи рече дека ќе продолжат со блокадата. „Овие изјави (ЕУ) не ги исполнуваат нашите барања, ниту ги решаваат нашите проблеми“, рече Зијад Шариќ, организатор на протестот.

На преминот Батровци меѓу Србија и Хрватска колона камиони е долга повеќе од еден километар и го блокира пристапот до товарниот терминал, пишува Ројтерс.

Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж изјави дека е блокиран 93 отсто од извозот од четирите земји, со што е направена дневна штета од околу 92 милиони евра.

Засегнати се и компаниите со седиште во ЕУ кои работат во регионот или извезуваат во него.

„За секоја компанија… тоа се околу 10.000 до 50.000 евра казни дневно… бидејќи тие не ги опслужуваат клиентите“, изјави Чадеж за Ројтерс во Белград.