
Дел од Скопје утрово се разбуди во магла и загаден воздух. Во населбите Аеродром, Ново Лисиче видливста е намалена како да е зимско утро, вредностите на ПМ 10 и ПМ 2,5 се во црвената зона, а во воздухот и понатаму се чувствува мирис на изгорено.
Иако уште вчера Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи информираа дека пожарот во депонијата Вардариште е изгаснат и дека нема ниту чадење на заостанати жаришта, а Владата и Министерството за животна средина објавија забрана за движење на локацијата, очигледно е дека граѓаните на тој дел од градот ќе ги чувствуваат последиците подолго време.
Според мерните станици на мрежата Air Care, највисоки се вредностите на загадувачките честички во Лисиче, 90 микрограми на кубен метар ПМ 10 и 45 микрограми ПМ 2,5, и во Гази Баба 77 ПМ 10 и 32 Пм 2,5. Повисоки вредности на загадување има и во Аеродром, Мичурин и Реонски Центар.
Во текот на вчерашниот ден е затрупан дел од просторот на депонијата Дрисла од кој имаше чадење. Денеска затрупувањето продолжува со засилено темпо бидејки вчера беа извршени неколку логистички зафати кои овозможуваат полесен и побрз пристап до критичната точка, информира утрово директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Чадењето од депонијата Дрисла е се уште присутно, но во многу помал обем, и, според Ангелов, не е причина за утринската магла во Скопје. Дивата депонија Вардариште, пак, е целосно изгасната и од неа нема никакво чадење.
Во врска со полемиките дали воздухот е дополнително загаден од депонијата Дрисла, од ДЗС упатуваат да се побара официјална информација од надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање каде постои Одделение за мониторинг на квалитет на воздух.