Делегација на МПЦ предводена од г.г. Стефан е во посета на Вселенската патријаршија

Делегација на МПЦ – ОА, предводена од архиепископот г.г. Стефан е во Истанбул, каде в недела во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар ќе одржи заедничка патријаршиска и синодална света литургија со вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј.

Патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан попладнево ќе одржат богослужба на која на нашата Црква официјално ќе и биде предаден Патријаршискиот и синодален акт на Светиот синод на Вселенската патријаршија со кој се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз древната Охридска Архиепископија.

Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската Патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа.

Вселенската патријаршија во одлуката наведе и дека остава на „Црквата на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание”.

Одлуката на Синодот на Вселенската Патријаршија уследи откако по повеќедеценискиот спор со СПЦ и меѓународната изолација и непризнавање на нашата Црква од православниот свет, во април 2018 година нашиот Синод едногласно испрати молба за апелација до Вселенската Патријаршија, која единствена на сеправославно ниво има историски и канонски права и привилегии да прифаќа апелација и да доделува автокефалност.

По отстранувањето на шизмата, на 16 мај Соборот на Српската православна црква одобри канонско единство со МПЦ – Охридска архиепископија, прифаќајќи го „општопризнатиот канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ доделен во 1959 година”, по што следуваше заедничка архијерејска литургија за воспоставување литургиско и канонско општење на МПЦ-ОА и СПЦ во соборниот храм „Свети Сава” во Белград со која сослужуваа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан.

На втората заедничка литургија на двајцата поглавари, овој пат во Соборниот храм во Скопје на 24 мај, патријархот Порфириј упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА, по што архиепископот Стефан оцени дека „дочекавме да ја слушнеме одамна посакуваната и очекувана вест”. По ова на, 6 јуни патријархот Порфириј на архиепископот Стефан во Белград му врачи акт со кој се потврдува одлуката на СПЦ да ја одобри и да упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА, најавувајќи дека документот ќе биде доставен и до другите православни црква.

Во пресрет на посетата на црковната делегација на Вселенската патријаршија, вчера се огласи Светиот синод на Православната црква на Грција, која соопшти дека Атинската Архиепископија „со задоволство го прими писмото од Вселенската Патријаршија во кое се известува за исцелението на расколот од 1967 година и востановувањето на црковното општење” на светата Охридска Архиепископија, под водство на неговото блаженство архиепископот г. Стефан.

Истовремено, Светиот архиерејски синод на Атинската архиепископија изразува сериозна загриженост поради писмото од Патријаршијата на Србија, пред сè, „поради користењето на името „Македонска православна црква”, бидејќи на тој начин се навлегува во внатрешните работи на Црквата на Грција која, исто така, под своја јурисдикација има област наречена Македонија”.