Декларација на советниците во Благоевград: Отворање на клубот „Никола Вапцаров“ е провокација

Ова е Декларацијата која ја донесоа советниците во Благоевград, со која се спротивставуваат на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, сметајќи го за провокација.

„Категорично се спротивставуваме на антибугарската провокација за распоредување на т.н. Македонски културен клуб „Никола Вапцаров“ на територијата на општина Благоевград“, пишува во Декларацијата.

Со говор на омраза дека македонската нација е вештачки создадена од Коминтерната, општинските советници во Декларацијата пишуваат дека Никола Јонков Вапцаров е бугарски поет. Сметаат дека создавањето на центар со неговото име во нивниот град е груба провокација од нелегитимни организации.

„Сметаме дека сите дејствија за создавање на организација во која група луѓе се самоопределуваат како „малцинство“ во рамките на нашата национална држава се грубо кршење на Уставот и законите во Република Бугарија. Исто така, сметаме дека со ваквите провокативни дејствија, Договорот за добрососедство е грубо прекршен, сите досегашни напори за подобрување на нашите односи со Македонија се погазени и нејзиниот пат кон европска интеграција и членство во Европската унија е попречен“, се наведува во Декларацијата.

Клубот требаше да го отвори Друштво за заштита на основни човекови права на 30 октомври, кое е регистрирано во Бугарија, но тие сè уште не добиле образложение, зошто општинскиот совет ја носи забраната. Претседателот на ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков вели дека не му е јасно зошто се прави ова.

„Ние дознавме од македонските медиуми. Не знаеме што содржи таа одлука, дали е тоа само некоја декларација на општинскиот совет, кој сака во оваа атмосфера на омраза спрема Македонија да се разграничи и да каже ние немаме ништо со тоа. Од страв го прават, дали од омраза, дали со некоја друга политичка причина, дали е тоа од страна на градоначалникот кој дозволил тоа да се случи ништо не знаеме се уште“, вели Стојков.

Иако ОМО Илинден Пирин не е вклучено во отворањето на Клубот, Стојков вели дека за разлика од бугарските културни клубови во Македонија, клубот „Никола Вапцаров“ нема за цел да провоцира.

Министерот за надворешни Бујар Османи кажа дека нема информации за забраната на општинските власти во Благоевград за да коментира и не се знае дали МНР ќе реагира на Декларацијата од Благоевград.