Декември беше најтопол во изминатите 15 години во четири грчки региони

Минатиот месец бил најтоплиот декември во изминатите 15 години во четири грчки области, односно во северна Грција, во областа Тесалија, на Крит и на островите во Егејското море, според податоците од Националната опсерваторија во Атина и порталот „Метео“.

Податоците се од мрежата од 52 метеоролошки станици кои работат од 2010 година, а во декември дневните температури биле екстремно високи речиси во целата земја споредбено со просекот од периодот 2010-2019 година.

-Декември се карактеризираше со многу денови со позитивни температурни отстапувања и беше најтоплиот декември од 2010 година. Во Северна Грција, Тесалија и островите во Егејското Море беа регистрирани најголеми позитивни температурни отстапувања, со просечни месечни вредности кои се движат до 3,3 степени Целзиусови над нормалните нивоа за сезоната. Особено топол, декември беше и во централна Грција (+2,4 степени), пишува „Метео“.

Во Атина, температурата била за 2,3 степени повисока од просечната за конкретниот период, а 26 од 31 ден во месецот биле потопли од нормалните нивоа, додека пак во Солун 24 дена во декември биле потопли од просечната вредност во периодот 2010-2019 година.