Девизните резерви растат – на крајот од февруари 4,34 милијарди евра

Официјалните девизни резерви изнесуваат 4.348,1 милион евра.

Состојбата е од крајот на февруари и во однос на претходниот месец бележат зголемување за 10,7 милиони евра, покажуваат последните податоци што ги објави Народната банка.

Најголем дел од девизните резерви – 58,8 отсто се пласирани во хартии од вредност. Следуваат валутите и депозитите со 31,6 и монетарното злато со 9,6 проценти.

Девизните резерви се дефинираат како средства кои се веднаш достапни и расположливи за монетарната власт. Исто така, се контролираат од монетарната власт, а служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар.

Пред се, за да се влијае врз девизниот курс, како и за други цели. Во суштина, основната функција им е да ја заштитат економијата од негативни надворешни шокови, за редовно сервисирање на надворешниот јавен долг и интервенции на девизниот пазар.

Во сопственост се на државата, но ги чува Народната банка.