Девет деца ранети на бензинска пумпа во Џорџија

Во пукање на бензинска пумпа во градот Колумбус во американската држава Џорџија, на границата со Алабама, ранети се девет малолетници, меѓу кои и едно петгодишно дете, соопштија денеска властите.

Децата ранети во инцидентот што се случи вчера се на возраст од пет до 17 години, а се работи за седум момчиња и две девојчиња, пренесува АП.

Според соопштението на локалните власти, се чини дека ниту едно од ранетите деца не е опасно по живот.

– Зголемувањето на вооруженото насилство во кое е вклучена нашата младина ја погодува целата земја – изјави началникот на полицијата во Колумбус, Фреди Блекмон.

Тој додаде дека полицијата неуморно работи на отстранување на насилниците од улиците на Колумбус.