Деветти напад врз Киев од почетокот на мај, Украинците тврдат дека собориле 29 од 30 проектили и беспилотни летала

Руската армија рано вчера изврши нов жесток ракетен напад врз Киев, деветти од почетокот на месецов! Интензивирањето на руските напади врз главниот град на Украина следеше на 28 април, по вкупно 51 дена пауза.

Тоа се совпаѓа со распоредувањето на западните системи за противвоздушна одбрана, кои САД и западните сојузници и ги обезбедија на Украина за да помогнат во одбраната од руските воздушни напади.

Украинските сили за воздушна одбрана соопштија дека собориле 29 од 30 руски крстосувачки ракети и четири беспилотни летала во периодот од среда до четврток и вчера рано наутро. Во тие напади загина едно лице – маж во Одеса, кој беше погоден од парчиња руска ракета.

– Постигнавме добри резултати при последниот ноќен напад – изјави Микола Олешчук, командант на украинските воздухопловни сили.

Деветтата серија руски ракетни напади беше насочена конкретно кон Киев, додека Украина тврди дека ги завршува подготовките за голема офанзива која ќе ги протера Русите од украинска територија.

– Продолжува серијата воздушни напади врз Киев, без преседан по сила и интензитет – соопштија цивилните и воените власти на Киев.

Крстосувачки ракети беа лансирани од руски стратешки бомбардери од регионот на Каспиското Море, а извидувачки беспилотни летала летаа над Киев.

– Сите непријателски цели во воздушниот простор на Киев се откриени и уништени – велат истите извори.

По соборувањето на авионот, избувнал пожар во деловна зграда, но нема повредени, потврди на Телеграм градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.

– Нашата ПВО ја заврши работата – рече Кличко

Експлозии се слушнаа и во централните делови на Украина, во областите Виница, Хмелницки и Житомир. Украинската страна соопшти дека руската страна лансирала вкупно шест проектили од типот „Калибер“, 21 ракета од типот „кх-101“ и „х-555“, две ракети од типот „Искандер“, два ирански беспилотни летала камикази „Шахид“ и два извидувачки дронови..

Вчера имаше прекин во железничкиот сообраќај на Крим, полуостров кој беше анектиран од Русија во 2014 година по референдум. Прекинот е предизвикан од експлозија на железничката линија меѓу главниот град Симферопол и главното пристаниште Севастопол. Прорускиот гувернер на Крим, кој беше назначен од Русија, на Телеграм објави дека „вагони со жито излетале од шините“.

Потсетуваме дека во последните месеци украинската армија се повеќе го напаѓа Крим откако доби ракети со поголем дострел од САД и нивните сојузници.