Брат ја убил сестра си и нејзиниот син, денеска во кумановското село Габреш, соопшти полицијата.
Двајца мртви и еден повреден е епилогот од нерасчистените имотно-правни односи, информираше СВР Куманово.
Шеесет и шестгодишен жител на селото пукал со огнено оружје кон неговата сестра и нејзините двајца синови, при што ја убил сестра си и едниот од нејзините синови, вториот, според податоците на полицијата, е пренесен во општата болница Куманово.
– Поради нерасчистени семејни односи денеска во 12.25 часот полициски службеници од СВР го лишиле од слобода Д.Ѓ. (66) затоа што во село Габреш, Кумановско поради нерасчистени имотно правни односи пукал од огнено оружје кон неговата сестра Д.Р.(63), и нејзините синови Ж.Р.(36) и Т.Р.(38). Итна медицинска помош констатирала смрт кај Д.Р. и Т.Р., додека Ж.Р. со повреди е пренесен во Општа болница Куманово – информираше полицијата.