Двојни избори на 8 мај се прифатлива опција за ВМРО-ДПМНЕ

За ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо да се гласа заедно за претседател на државата и за нов пратенички состав на 8 мај нареднава година, пренесува Алсат. Денот е среда и според ВМРО-ДПМНЕ овој датум би можел да биде договорен меѓу партиите за одржување двојни избори, штом власта не отстапува од ставот изборите да бидат во редовен термин. Претходно, спикерот Талат Џафери кажа дека петти мај, недела е единствениот датум за одржување парламентарни и претседателски избори во редовен термин, но партиските калкулации го поместија евентуалниот изборен циклус за три дена, во среда, бидејќи на петти мај е христијанскиот празник Велигден.

„Единствената недела, каде што можат да се поклопат вториот круг претседателски и парламентарните избори е 5 мај, а тој ден е Велигден. Во минатото сме имале пракса, така беше на последните избори на 15 јули 2020-тата година, да и во среда имаме избори. Затоа велиме дека 8 мај е повторно можен термин кога би се случил вториот круг претседателски заедно со парламентарните“, рече Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Мицкоски партијата инсистира на двојни избори пред сè поради економски причини. Тој информира дека ВМРО-ДПМНЕ веќе има свои предлози за претставници во меѓупартиската работна група, која би разговарала за датумот за наредните избори и очекува тоа да го стори и СДСМ.

Потпретседателот на ДУИ Бујар Османи потврди дека датумот, како што вели, ќе биде производ на дијалогот помеѓу политичките партии.

„ДУИ најмалку е загрижена по однос на термините како можност да се помогне позицијата на партијата, бидејќи во било кое време нашата позицијата во моментот е добра. Мислам дека тоа треба да го гледаме во контекст на уставната реформа, отколку во контекст на тоа како политичките партии ќе имаат интерес од било кој датум“, рече Османи.

Засега не се знае кога и во кој формат ќе започне со работа меѓупартиската група што ќе го договара датумот за избори. Инаку, 8 мај е последен датум кога би можело да се одржи вториот круг од претседателските избори, со оглед на фактот дека следуваат 72 часа, односно три дена, за жалби и поплаки за изборниот процес, а наредниот претседател на државата мора да биде инаугуриран на 12 мај.