Движење на социјалистите до Парламентот поднесе предлог-закон за странски агенти

Народните пратеници на владејачката партија Движење на социјалистите на вицепремиерот Александар Вулин, која е коалициски партнер на СНС, до Собранието на Србија поднесоа предлог-закон за воведување и регулирање на регистар на агенти на странско влијание.

Народните пратеници на владејачката партија Движење на социјалистите на вицепремиерот Александар Вулин, која е коалициски партнер на СНС, до Собранието на Србија поднесоа предлог-закон за воведување и регулирање на регистар на агенти на странско влијание, јави дописникот на МИА од Белград.

Во предлог-законот, кој вчера го поднесоа Бојан Торбица и Ѓорѓе Комленски, членови на пратеничката група на Српската напредна партија (СНС), се наведува дека агенти на странско влијание се сметаат „сите здруженија и непрофитни организации кои преку финансирање или на друг начин се помагаат од други држави, нивните тела, меѓународни и странски организации, странски државјани или регистрирани невладини организации финансирани од странство“.

Предлог-законот како странски субјекти ги препознава „владата, извршните органи на друга држава или странска политичка партија, физичкото лице кое нема српско државјанство и регистриран престој во Србија или правно лице или група правни лица што е организирана, регистрирана или основана според прописите на друга земја или која има седиште во друга земја“.

Според предлог-законот на партијата на Вулин, агент на странско влијание е и непрофитна организација „која се занимава со политичко дејствување или политички активности, како и други активности поврзани со политичко организирање и дејствување насочени кон загрозување на демократијата, нарушување на интегритетот на Србија, кршење на слободите и правата загарантирани со Уставот на Србија и поттикнување национална, расна или верска омраза и нетрпеливост“.

– Изјавите на претставниците на агентите со странско влијание, печатените материјали и материјалите што се објавуваат преку електронски медиуми, информативни и телекомуникациски мрежи или нивната дистрибуција се врши на друг начин, мора да бидат означени дека организацијата е регистрирана во Регистарот на агенти на странски влијание, кое треба да го воспостави и управува Министерството за правда на Србија, се наведува во предлог-законот.

Во случај кога непрофитна организација врши дејност, а не е запишана во Регистарот на агенти со странско влијание или нема поднесено барање за регистрација, Министерството поднесува предлог до надлежниот суд за забрана на вршење работа и поднесува пријава против одговорните лица согласно одредбите од кривичното законодавство на Србија.

Предлог законот предвидува и казни. Непрофитната организација ќе се казни со парична казна од 100.000 до 2.000.000 динари, а од 5.000 до 200.000 динари ќе се казни одговорното лице кога нема да го означи промотивниот материјал во согласност со закон, нема да поднесе пријава или при поднесување или дополнувајќи го барањето, дава неточна информација во врска со регистрацијата во Регистарот, кога нема да достави дополнување на пријавата за направените промени во пропишаниот рок и кога нема да го достави финансискиот извештај пропишан со закон.

Оваа година власта на Република Српска сакаше да го усвои законот за странски агенти, но по критиките од ЕУ и САД, го повлече предлогот од ентитетскиот парламент, непосредно пред неговото усвојување. Критичарите тврдеа дека овој предлог е сличен на рускиот закон за странски агенти од 2012 година, кој руската влада го користи за пресметка со неистомислениците.

Контроверзниот руски закон за „странски агенти“ од страна на властите се користи и за сузбивање на опозицијата на претседателот Владимир Путин, разбивање на невладини организации, медиумски куќи и поединци кои владата ги означи како странски агенти.

Европскиот суд за човекови права во октомври пресуди дека рускиот закон за „странски агенти“ ја прекршува Европската конвенција за човекови права, како и дека е „произволен“ и дека се користи на „преширок и непредвидлив начин“.

Александар Вулин, кој како вицепремиер на Србија е задолжен за подобрување на соработката со земјите од БРИКС, е чест гостин на официјални претставници во Русија.

Вулин е под американски санкции, меѓу другото, и поради неговите врски со Кремљ.