Две третини од новинарите имаат потпросечни плати, вели ССНМ

Условите за работа на новинарите не се на завидно ниво, две третини од нив се со потпросечни плати, 63 отсто сакаат да ја напуштат професија, секоја година се намалува бројот на запишани студенти на факултетот за новинарство – покажуваат истражувањата на Синдикатот на новинари и медиумски работници.

Од оваа организација се согласуваат со наодите во неодамна објавениот извештај на ЕК дека постои „поволна клима во делот на слободата на медиуми која дозовлува критичко известување“, но и дека се` уште има практика на притисоци врз новинари која пак резултира со автоцензура.

„Се` уште имаме најразлични притисоци, се уште имаме медиуми кои не ја ценат работата на новинарите, платите во просек се ниски, недоволни за безбедно и безгрижно работење. Автоцензурата во добар дел од медиумите се уште е присутна. Но, тоа секако е дел од работата и постојана борба, битка која не може да се извојува еднаш засекогаш, тоа е процес. Во исто време, мораме да кажеме дека и покрај слабата доверба во медиумите и покрај нападите врз новинарите и медиумските работници, во последните години сведоци сме на изблици на многу квалитетни новинарски производи, па дури и на ситуации во кои, иако ретки, новинарската работа предизвикала и реакција на институциите“, вели Павле Беловски, претседател на ССНМ.

Друго сериозно прашање, кое е и глобален проблем, се онлајн нападите врз новинарите.

„Би рекол дека Македонија можеби и предничи во овие негативни трендови“, вели Беловски.