
Две српски здруженија се прогласени за терористички во Косово
Косовоската влада прогласи две српски групи како терористички организации, во потег што би можел да поттикне дополнителни тензии во нестабилниот север на земјата, каде с еодвива најлошо етничко насилство од независноста во 2008 година.
Премиерот Албин Курти на седницата на владата рече дека групите за цивилна заштита и Северна бригада претставуваат високо ниво на „закана и опасност“.
Тој рече дека двете групи „регрутирале и обучиле членови како да користат оружје и да изведуваат други борбени методи во воените бази во Србија за да извршат напади врз локални и меѓународни институции во Косово“. Србите, кои го сочинуваат мнозинството во северно Косово, велат дека Цивилната заштита била распуштена во 2015 година кога Србите се согласиле да влезат во косовските институции, вклучително и полицијата и судството, и за првпат да учествуваат на локалните избори.
Не е јасно кого претставува Северната бригада, кога е основана и како функционира. Минатата година на улиците на северот се појавија графити потпишани од групата. Од Белград немало веднаш реакција. Ненад Рашиќ, единствениот српски министер во владата на Курти, гласаше против таа одлука и побара од владата да ја преиспита.
Иако практичниот ефект на декларацијата не е веднаш јасен, тоа би можело да предизвика нови апсења од страна на косовската полиција, што дополнително ќе ја зголеми политичката нестабилност во регионот. Минатиот ноември, косовските Срби на северот дадоа оставки од сите владини работни места, вклучително и владата, полицијата, судството и другите тела. Во последните недели, Косово ги доживеа своите најлоши етнички тензии откако прогласи независност од Србија во 2008 година.
Насилството избувна кон крајот на мај откако градоначалниците, етнички Албанци, ја презедоа функцијата по локалните избори на кои излезноста беше само 3,5 отсто, бидејќи Србите го бојкотираа гласањето. Околу 30 мировни војници на НАТО кои бранеа три градски собранија во северно Косово беа повредени во судирите на крајот на мај. Педесет и двајца демонстранти беа ранети.
Главните поддржувачи на Косово, Соединетите Американски Држави и Европската Унија, го повикаа премиерот Албин Курти да ги отповика градоначалниците и да ја отстрани специјалната полиција што се користеше за нивно поставување или да се соочи со последиците.