Министерката за здравство на Србија, Даница Грујичиќ денеска говорејќи за состојбата на повредените во минатонеделните трагедии изјави дека повредениот млад човек од Младеновац кој е хоспитализиран е префрлен во Ургентниот центар бидејќи може да треба дијализа, пренесува „Танјуг“.
„За жал, мораше да му се извади едниот бубрег, а има знаци на откажување на другиот бубрег. Другите две момчиња сѐ уште се во шок соба бидејќи имаат одводи во градната празнина. Девојката со повреда на главата ќе има операција на левото око и веројатно отстранување на куршумот“, рече Грујичиќ гостувајќи на „ТВ Пинк“.
Таа додаде дека ќе се направи слика од крвните садови за да се провери дали, како што рече, имало комуникација меѓу венскиот и артерискиот крвен систем во главата и после тоа дефинитивно да се одлучи што и треба.
Таа изјави дека денеска ќе биде оперирана пациентката со тешка повреда на градниот кош и рбетот, дека девојката која имала најтешки повреди на стомакот била оперирана вчера и дека моментално е стабилна.
Според неа, девојката која останала без рака е добро и добро се бори, а младиот човек кој имал повреди на феморалните артерии е префрлен на васкуларна операција.
Кога станува збор за учениците од ОУ „Владислав Рибникар“, министерката рече дека наставничката и девојчето вчера имале ортопедски операции и дека и двете се во стабилна состојба.