Две години од смртта на кралицата Елизабета Втора

Британскиот крал Чарлс Трети беше на молитва во црквата во близина на замокот Балморал во Шкотска во спомен на неговата мајка, кралицата Елизабета Втора на втората годишнина од нејзината смрт.

Чарлс и кралицата Камила пристигнаа во малата гранитна црква Крејти Кирк, која што покојната кралица редовно ја посетуваше.

Кралот (75) престојува на неговиот имот во Абердиншир во шкотските висорамнини, каде што кралицата почина мирно на 96-годишна возраст на 8 септември 2022 година.

На покојната кралица и беа оддадени и други почести за одбележување на годишнината од нејзината смрт, при што британскиот премиер Кир Стармер ги поздрави „70-те славни години на нејзиното владеење“.

– Денес се навршуваат две години од смртта на кралицата Елизабета Втора. Посветеноста на покојната кралица на Обединетото Кралство и Комонвелтот нè научи дека без оглед на предизвиците со кои се соочува нашата земја, вредноста на служењето секогаш опстојува, напиша Стармер во пораката објавена на социјалните мрежи.

– За 70-те славни години од нејзиното владеење, таа беше во срцето на животот на оваа нација. Денеска го почитуваме нејзиниот спомен, додаде тој.