Две години Ковид – пандемија

СЗО на 11 март 2020 година прогласи Ковид-19 – пандемија, што ги поттикна државите да преземат акција против смртоносната болест што се прошири низ целата планета.

СЗО тврди дека 6 недели претходно била прогласена вистинска тревога, но малкумина тогаш реагирале.

На 30. јануари, СЗО прогласи меѓународна вонредна состојба за јавното здравје, највисоко ниво на тревога според глобалните здравствени правила. Во тоа време, имаше само сто случаи надвор од Кина и немаше смртни случаи.

Но, дури кога генералниот директор на СЗО, Тедрос Адан Гебрејесус на прес-конференција на 11. март 2020 година прогласи пандемија, голем број држави станаа свесни и ја сфатија опасноста.

„Предупредувањето во јануари беше многу поважно од најавата во март. Дали би сакале предупредување дека сте се удавиле или дека доаѓа поплава?“ – изјави денеска директорот на СЗО за вонредни ситуации Мајкл Рајан.

Тој додаде дека луѓето се оглушиле на предупредувањето на СЗО.

„Не послушаа, вклучивме аларм и никој ништо не направи. Бев згрозен од недостатокот на одговор на највисокото предупредување на СЗО според меѓународното право на кое се согласија сите наши членови. Сите до еден“ – посочи Рајан.

До 11 март 2020 година бројот на случаи надвор од Кина се зголеми за 13 пати. Имаше 118.000 заразени во 114 земји. Во Италија, на пример, луѓето веќе умираа.

Над 453,8 милиони луѓе се инфицираа со Ковид-19, околу 6 милиони починаа досега.