Два стана и автомобил – директорот на државниот градежен инспекторат нема доказ за потекло на имотот

Антикорупциската комисија побара од Владата да го разреши директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам Фатмир Арифи, бидејќи не доставил докази како се стекнал со два стана и автомобил.

По направени анализи, Антикорупциската комисија утврдила дека Арифи во анкетниот лист не пријавил стан во Чаир и стан во Железара, како автомобил Форд, кој го купил во 2021 година по цена од 18.000 евра. Тој бил повикан од Антикорупциската комисија да приложи докази како се стекнал со овој имот, но тој не го направил тоа, туку само рекол дека се занимава со продажба на автомобили и дека едниот стан го стекнал со размена на автомобил со стан и тврдел дека за тоа има договор заверен на нотар.

„Од увидот во податоците во банките и другите финансиски институции во нашата држава за именуваниот и неговите членови од семејството со кое живее произлегува дека именуваниот освен редовните примања по основ на плата не остварува дополнителни приходи, а имајќи предвид дека истиот не достави докази за основот и потеклото на средствата за стекнување на становите и возилото не се докажа дека наведениот имот е стекнат како резултат на примања кои се пријавени и оданочени“, вели претседателката на Антикорупциска комисија Билјана Ивановска.

Антикорупционерите се сомневаат дека тој има сторено кривично дело и поради тоа поднесоа иницијатива за покренување кривична пријава до Основното јавно обвинителство.

Арифи беше назначен за директор во октомври 2020 година.