Холандскиот суд прогласи тројца мажи за виновни за соборување на малезискиот патнички авион над источна Украина во 2014 година при што загинаа 298 лица.
Судот утврди дека ракета од руско производство, испорачана од Русија и испукана од вооружена група под руска контрола го соборила летот МХ17.
За виновни се прогласени двајца Руси и еден Украинец, додека четвртообвинетиот, Русин, беше ослободен од вина. На обвинетите им се судеше во отсуство, а казната што им беше определена е доживотен затвор.
Судиите заклучија дека станува збор за намерна акција да се собори авион иако тројцата осудени имале намера да соборат воен, а не цивилен авион.
Еден од осудените е Игор Гиркин, тој е поранешен воен водач на т.н. Народна Република Донецк, за кого судот смета дека е одговорен за распоредување на проектилот и барање помош од Русија. Вториот Русин, Сергеј Дубински, пак, според судот, го наредил и надгледувал транспортот на ракетниот фрлач, додека Украинецот Леонид Харченко надгледувал по инструкциите добиени од Дубински.
Авионот на „Малезија ерлајнс“ беше соборен на 17 јули 2014 година во период кога Русија се обидуваше да заземе контрола врз делови од украинската територија. Од 298 загинати, 80 беа деца, а 15 членови на екипажот.