Двајца италијански разузнавачи и пензиониран агент на Мосад – жртви во бродската несреќа во Италија

Двајца италијански разузнавачи и еден пензиониран припадник на израелските безбедносни сили се меѓу четирите жртви на превртувањето на брод на езерото Маџоре во северна Италија во неделата, соопштија локалните власти.

Италијанците беа идентификувани како Клаудио Алонзи (62) и Тицијана Барноби (53). Израелецот е идентификуван како Шимони Ерез (50), јавува Би-Би-Си.

Во несреќата загинала и Ања Божкова, 50-годишна Русинка, сопруга на капетанот на бродот.

Бродот со повеќе од 20 туристи и членови на екипажот потона поради силниот ветер.

Според италијанскиот весник, во чамецот имало околу 25 луѓе кои славеле роденден кога невремето, кое подоцна се претворило во „мал ураган“, го зафатило езерото.

Бродот долг 16 метри се преврте и потона меѓу градовите Сесто Календа и Арона.

Сите што биле на бродот паднале во водата, но многу патници испливале на брегот или биле спасени од други чамци.

Пет лица се префрлени во болница.

Езерото Маџоре – на јужната страна на Алпите – го делат Италија и Швајцарија и е популарна дестинација за туристите.

Областа неодамна доживеа лошо време, а италијанската метеоролошка служба издаде предупредување за грмотевици.