Најмалку две лица загинаа, а осум други се повредени во руски ракетен напад врз Одеса на југот на Украина, соопшти локалниот гувернер.
– За жал, две лица загинаа во руски ракетен напад. Уште осум лица се повредени до различен степен, меѓу кои и едно 12-годишно момче, напиша гувернерот Олег Кипер на Телеграм.
Во посебна порака претходно денеска, тој рече дека во рускиот напад биле оштетени станбени згради и друга цивилна инфраструктура.
Црноморското пристаниште Одеса е важно за украинските извозници и редовно е цел на смртоносни ракетни и напади со дронови.
Во исто време, во Харков, вториот по големина украински град кој често е цел на руски напади, денеска во руски напад е ранет еден цивил, соопштија локалните власти.
Локалниот гувернер Олег Синегубов соопшти дека 42-годишен маж бил ранет од шрапнели за време на руски ракетен напад.