Да не ја изгубиме вербата во добрината – Стаменов и Михајловски докажуваат дека можеме да го направиме светот поубаво место за сите

Да бидеме похумани, посолидарни, да мислиме повеќе еден на друг, да бидеме човечни, да ги негуваме емпатијата и алтруизмот, да не ја изгубиме вербата во добрината. Ова се вредностите што ги поврзуваат двајцата хуманитарци, Борче Стаменов и Иле Михајловски, кои независно еден од друг, секојдневно и несебично се вложуваат, секој во својата област и упорно ја „туркаат“ идејата дека навистина можеме, како луѓе, да го направиме светот поубаво и побезбедно место за сите.

Да бидеме похумани, посолидарни, да мислиме повеќе еден на друг, да бидеме човечни, да ги негуваме емпатијата и алтруизмот, да не ја изгубиме вербата во добрината. Ова се вредностите што ги поврзуваат двајцата хуманитарци, Борче Стаменов и Иле Михајловски, кои независно еден од друг, секојдневно и несебично се вложуваат, секој во својата област и упорно ја „туркаат“ идејата дека навистина можеме, како луѓе, да го направиме светот поубаво и побезбедно место за сите.

Во разговор за МИА порачуваат дека во време кога се изгубија речиси сите морални вредности, кога има се повеќе осамени и тажни луѓе, треба да се обидеме барем некому да ја вратиме насмевката.

-Обиди се да бидеш човек. Краток ни е рокот на траење, да го направиме светот поубаво и побезбедно место за сите. Чистиот образ, внатрешниот мир и споделената радост се сепак најбитни, порачуваат Стаменов и Михајловски.

Стаменов: Еден компјутер може да промени детска иднина, да отвори врата кон знаење, самодоверба и можности

Борче Стаменов или како што велат некои за него – човекот со златно срце, живее во Кавадарци. Познат е во јавноста со иницијативата „Донирај компјутер“, за која ни раскажа дека почнала пред девет години многу спонтано, од лична потреба да се помогне на три деца кои немале средства за набавка на нов компјутер.

– Во почетокот беше замислено да се донираат неколку компјутери кои ги добив од пријатели, а денес зборуваме за организирана иницијатива која функционира преку цела година. Досега имаме собрано над 7 500 компјутери, а скоро 4 000 се поправени и донирани на социјално загрозени семејства, ученици, училишта и институции низ цела Македонија, изјави Стаменов.

Нагласува дека најсилна мотивација е довербата и транспарентноста која ја практикува од самиот почеток на иницијативата.

– Луѓето и компаниите гледаат дека секој компјутер навистина стигнува до некого таму каде што треба. Не ветуваме чуда, туку покажуваме реални приказни. Деца што првпат следат онлајн настава, ученици што добиваат шанса за подобро образование, училишта и болници кои имаат посовремена опрема. Кај компаниите, дополнително постои и чувството дека нивната општествена одговорност има конкретен и мерлив ефект, рече Стаменов.

За него, најголемиот предизвик е логистиката. – Донекаде ја имаме решено со тоа што „Нептун“ ни служат како доставни пунктови за секој кој сака да донира уред. Транспортот, складирањето и поправката на компјутерите бара време, простор и ресурси. Исто така, не сите донирани уреди се функционални, па често мора дополнително да се инвестира за да можат да се користат. Но, со поддршката од волонтери и партнери, овие предизвици ги надминуваме чекор по чекор, нагласува Стаменов.

Досега преку иницијативата подарени се компјутери на околу 4 000 семејства. – Со други зборови, сме допреле или сме израдувале над 20 000 лица. Само оваа година, бројката е неколку стотици нови корисници, што покажува дека потребата сè уште е голема и дека иницијативата мора да продолжи, вели Стаменов.

Кога го прашавме зошто го прави сето ова, ни одговори „од човечност и од верба дека пристапот до технологија денес не е луксуз, туку основна потреба“.

– Еден компјутер може да промени детска иднина, да отвори врата кон знаење, самодоверба и можности. Тоа чувство кога ќе видиш дете како за првпат седнува пред компјутер кој без нас можеби и никогаш немало да го поседува, тоа е најголемата награда за нас, подвлекува Стаменов.

Во пресрет на празниците им порачува на сите да бидеме похумани, посолидарни и да мислиме еден на друг.

-Понекогаш за нас нешто е старо и непотребно, а за некого е нов почеток. Да донираме, да помогнеме и да споделиме затоа што вистинската вредност на празниците е во давањето. Ќе завршам со ова што важи повеќе за нас: Технологијата менува животи, но само ако ја направиме достапна за сите, порача Стаменов посакувајќи среќни празници од тимот на „Донирај компјутер“ .

Михајловски: Верувам во добрината, целта ми е да мотивирам 

Иле Михајловски е одделенски наставник во Основното општинско училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Свети Николе, кој неуморно им помага на децата, но и на социјално загрозените семејства. Годинава тој влезе во Топ 50 најдобри наставници на светот.

Тој има 30 години работен стаж како наставник и ни раскажа дека секогаш се обидувал да им помогне на децата на кои им е потребна помош, а последниве десетина години интензивно и активно го прави тоа со по неколку акции во текот на секоја година.

– „Караванот на детски насмевки“ (новогодишна хуманитарна акција) е активна уште пред почетокот на пандемијата. Напоредно секоја година во август и септември традиционално собирам училиштен прибор за децата ширум државата. Идејата била присутна уште првата година како се вработив како наставник. Кога ја земав првата генерација ученици со дозвола на директорот на училиштето ја направив првата хуманитарна акција за Нова година во која се обезбедија над 1200 подароци за сите ученици од училиштето, а со финансиски средства им се помогна на над 50 ученици од истата акција. Идејата е веројатно мојот карактер, начин на гледање на животот, моето внатрешно „јас“, рече Михајловски.

Ни раскажа дека секоја година, еден дел од него се плаши дали акцијата што следи ќе биде доволно успешна со донации.

-На дело се покажува дека стравот воопшто не бил потребен. На секоја акција и пристапувам со доволно време и простор за реакција, со споделување постови на социјалните мрежи, во тој временски период некогаш по неколку денови, некогаш и секој ден, ми стигнуваат пораки, телефонски јавувања кои најмногу ми ја полнат душата. Најчесто тоа се физички лица, луѓе од градот, државата, нашинци од дијаспората, но луѓе во вистинска смисла на зборот. Луѓе полни емпатија, човечност, алтруизам, кои ми се ветер в грб со години. Последниве три-четири години, на моја голема радост почнаа да се вклучуваат и одреден број компании. Повеќето од нив се од Свети Николе, учество зедоа МИК Месна индустрија, Алгомак, Лион, винарија Фудтопија, веќе втора година добивам поддршка и од компанијата Зегин, рече Михајловски.

Според него, најтешкото во оваа работа, со оглед во времето во кое живееме, е да стекнеш сериозна доверба како кај добрите луѓе, уште потешко кај компаниите.

– И со право, затоа што чести се примерите во нашата држава дека преку името на хуманоста се изневерени многу луѓе и компании. Најголема награда барем за мене е што целиот овој период, токму таа доверба лично од моја страна не е изневерена. Потребно е многу работа, труд, време за да бидеш препознаен како човек кој она што го работи, го работи од срце, она што стасува кај мене секогаш завршува на вистинското место. Чистиот образ, внатрешниот мир и споделената радост кај децата се она што ме одржува, мотивира и движи напред, потенцира Михајловски.

Тој информира дека секоја година донираат добри луѓе ширум земјината топка.

– Некои од нив се верни поддржувачи години наназад. Секогаш се трудам во комуникацијата со сите луѓе кои ќе се вклучат во која било од моите акции за помош да бидам пред се искрен, транспарентен и човек од доверба. Проблеми секогаш има, но им благодарам на мал круг  мои блиски луѓе кои се секогаш тука во нивно решавање. За време на пандемијата ми пристигнуваа пратки од странство каде наши луѓе од таму, наоѓаа решенија како помошта да пристигне до мене со бесплатен превоз, локални карго компании бесплатно да ги достават пратките до други градови во државата. Кругот на блиски пријатели се често и превозници на донации од еден град до друг, товараат и растовараат со мене, пакуваат, па за среќа секоја акција завршила навремено и таму каде треба. Иако на број се малку, среќен сум што ги имам покрај мене, на нив сум им вечно благодарен што секогаш се тука. Оваа година од блиска личност добив и слободен простор за сместување на поголема количина донации, што значи дека во сето ова сепак има луѓе кои доволно ме познаваат, почитуваат, го препознаваат она што го работам и ми даваат поддршка и ми се ветер во грб, изјави Михајловски.

Михајловски вели дека досега не размислувал за тоа колку деца израдувал или им помогнал.

– Верувале или не, на ова не сум размислувал никогаш. Најчесто бројам кога ќе започне една акција дали она што доаѓа кај мене ќе биде доволно. Никогаш не сум зацртал дека со една акција треба да помогнам на зацртана бројка на деца. Но, најголема радост ми е што секоја акција ги надминала моите очекувања. Ако првите години, фокусот ми биле деца од мојата општина, а низ годините тоа продолжило ширум државата, тоа мене ми е најдобрата потврда дека она што го работам расте од година во година. Во една календарска година традиција ми се две акции – собирање на училиштен прибор и новогодишни пакетчиња. Но, во секоја календарска година често ќе се појави потреба и од друг вид акција каде повторно во фокусот се најчесто деца, но и социјално загрозени семејства, рече Михајловски.

Посочува дека често се случувало да се вклучи во друга хуманитарна акција организирана од некој друг или некое здружение.

– Со самото тоа, бројката на пружена помош е повеќекратно поголема што секако ми е радост, оти мојот повик за помош вродил со плод. Во последниве десетина години, во сите организирани акции од мене, и акции во кои сум се вклучил без разлика дали било помош на деца, семејства, поединци, надмината е бројката од 10 000 лица, најмногу од нив деца. Притоа, да напоменам оваа помош се состоела од: облека, обувки, храна, хигиенски пакети, училиштен прибор, ИТ уреди, книги, учебници, лекови, бебешка храна, ортопедски помагала, бесплатна храна за ученици, новогодишни пакетчиња, вели Михајловски.

Една од причините зошто го прави ова е добрината.

– Поради се претходно што напишав. Веројатно и поради тоа како животот секој од нас не обликува и дефинира. По природа сум човек кој ретко зборува за себе, оваа година кога влегов во ТОП 50 најдобри наставници на светот, за првпат излезе во јавност дека сум човек кој рано ги загубил своите родители. На неполни 15 години останав без родители и верувам дека тоа е еден дел од одговорот на вашето прашање. Далеку дека ова е нешто од кое се срамам, едноставно не сум чувствувал потреба да го знае јавноста, уште помалку тоа да биде како било поврзано со мојата работа како наставник. Верувам во добрината и покрај се што животот носи, а за добрина не е потребна причина. Потребна е желба, ништо повеќе. Особено во време кога се изгубија сите морални вредности, кога се повеќе гледаш осамени и тажни луѓе околу себе. Кога насмевката ја нема, кога животот натежнал, пробај и обиди се да бидеш човек! Не е тешко, секоја добрина од срце што ќе ја направиш, те полни како ништо друго на светот. Краток ни е рокот на траење како битија, затоа обиди се да оставиш трага во времето и кај луѓето. Оти тогаш ќе знаеш дека си го победил времето, кога знаеш дека вредело, кога си бил и радост, и надеж и добрина и верба на секој оној на кој најмногу му била потребна. А кога сето ова им го даваш на децата, помножи го со бесконечност, порачува Михајловски.

Наставникот Иле Михајловски – тивок поддржувач и гласник на згрижувањето

Александра Ивановски од СОС Детско село информира дека наставникот Иле Михајловски е долгогодишен пријател и поддржувач на СОС Детско село.

– Тој никогаш не нè заборава – ниту децата, ниту нивните реални потреби. Особено на почетокот на учебната година, кога обезбедува училишен прибор и материјали, но и во периодот пред новогодишните и божикните празници, кога со својата поддршка внесува радост и сигурност во детските животи. Сето тоа го прави скромно, ненаметливо и без саморекламирање. Кога дава – дава тивко, но искрено. Но, неговата хуманост не се исцрпува само со материјалната помош. Од исклучително значење за нас е неговата посветеност во промоцијата на згрижувањето деца без родителска грижа. Меѓу своите сограѓани, со искрен разговор, тој ја шири пораката дека секое дете заслужува дом, топлина и стабилност. Активно ни помага во организација на настани во Свети Николе, со цел згрижувањето да се доближи до локалното население – не само како хуман повик, туку и како реална можност граѓаните да станат згрижувачи и да направат суштинска промена во животот на едно дете, изјави Ивановски.

Иако лично не станал згрижувач, Иле Михајловски поминал низ обуката, се информирал и свесно одлучил да ја поддржи идејата на друг начин – преку ширење на гласот, подигање на свеста и охрабрување на другите. Тој е пример дека и оние кои не носат лична одлука да згрижуваат, можат да бидат силни сојузници на системот на грижа.

– Зашто реалноста е јасна: има деца кои немаат соодветна грижа во својот дом, а истовремено има и многу хумани и добри граѓани кои навистина можат да помогнат. Нашиот најголем предизвик е да допреме едни до други – да ги поврземе децата на кои им е потребна грижа со луѓето кои имаат срце, желба и простор да ја дадат. Затоа ни е потребна поддршка од целата заедница – заедно да го направиме светот поубаво и побезбедно место за децата. СОС Детско село обезбедува обука, стручна помош и континуирана поддршка низ целиот процес на згрижување. Згрижувањето не е импровизација, туку системска, професионално водена и исклучително хумана форма на грижа, која заслужува да се развива и зајакнува и кај нас, рече Ивановски.

Во пресрет на новогодишните и божикните празници, Ивановски нагласува дека пораката до граѓаните, институциите и организациите е јасна.

– Потребна ни е поголема видливост на повиците за регрутација на згрижувачки семејства, потребна ни е мрежа на хуманитарци кои ќе се вклучуваат согласно индивидуалните потреби на децата, потребни ни се луѓе што ќе го шират зборот, но пред сè – потребна ни е соработка на сите нивоа. Зашто потребата од згрижување не е лична, ниту институционална. Таа е општествена и одговорноста е заедничка – ниту едно дете да не расте само, подвлече Ивановски.

Магдалена Ристоманов