
Да бидеме сплотени и обединети: Пораки од политичарите по повод Рамазан Бајрам
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, утрово упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, утрово упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху.
– Од сè срце Ви посакувам празничните денови да ги поминете во хармонија и благосостојба, исполнети со радост и среќа, споделувајќи љубов и внимание со најблиските. Годинава во светиот месец Рамазан, во месецот на пост, молитва и простување, ни се случи незапаметена трагедија којашто нè потресе како заедница и како индивидуи. Нашите мисли се со семејствата на настраданите и со повредените. Без разлика на верска, етничка или каква било припадност, сите се солидаризираме и заедно тагуваме, истакнува во честитката Сиљановска-Давкова.
Претседателката посочува дека живееме во свет којшто е разбрануван од бурни геополитички поместувања, а ние, како што вели „сме кревки и ранливи во многу општествени сегменти“.
-Пред нас се бројни предизвици и непредвидливи собитија. Да бидеме сплотени и обединети како заедница, како општество и како држава. Заедно можеме да ги надминеме и пребродиме сите тешкотии и проблеми. Со чиста мисла и со отворено срце за сите наши сограѓани, да ја направиме татковината просперитетна и достоинствена земја на среќни граѓани, наведува во честитката претседателката Сиљановска-Давкова.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши по повод големиот празник – Рамазан Бајрам, утрово упати честитката до граѓаните од исламска вероисповед во која посака овој ден да биде извор на радост и мир, со повеќе љубов, разбирање и солидарност во семејствата.
-После еден период на длабоко размислување, пожртвуваност и ангажираност да се доближиме повеќе кон Бога, имам посебно задоволство да ви го честитам големиот празник – Рамазан Бајрам! Рамазан нè учи дека постот е патот кон прочистување на душата и секој ден претставува можност за практикување на вредностите искреност, љубов и меѓусебна почит. Затоа, по завршувањето на месецот на Рамазан, да бидеме со чисто срце и поподготвени да им помогнеме на сите оние кои имаат потреба, како и да придонесеме кон зајакнување на заедницата, толеранцијата и општествената хармонија, пишува Гаши во честитката.
Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод празникот Рамазан Бајрам до сите граѓани од исламска вероисповед, посакувајќи им добро здравје, радост, среќа, мир и спокој во семејствата.
-Рамазан Бајрам е празник на солидарност и хуманост, кој ги учи богатите да се воздржат од личните удобвства и да не ги заборават сиромашните и сираците.Овој празник значи дека преку добри дела, заемно почитување, трпение и меѓусебно разбирање можеме да го победиме лошото. Заедно преку соработка, соживот, толеранција, вистински вредности и принципи ќе продолжиме да ја градиме заеднички Македонија во попросперитетна држава, пишува Мицкоски во честитката.
Додава дека нивната заложба како Влада е да ги негуваат културата, традицијата, различностите, но пред се да реализираат проекти кои значат економски развој и напредок за подобар и поквалитетен живот на сите граѓани.
-Сите заедно мораме да го смениме системот кој предолго ги оставал граѓаните без правда, достоинство и еднакви можности. Таа одговорност ја носиме пред сите сегашни, но и пред идните поколенија, да изградиме општество на фер вредности, слободни луѓе и силни институции. Продолжуваме да ја градиме Македонија и заеднички да создаваме услови за сите, вели македонскиот премиер.
Тој на сите граѓани од исламска вероисповед им посакува овие празнични денови да ги поминат во добро расположение, благосостојба и мир.