Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денеска на тв Пинк изјави дека Србија го поминала периодот на мигрантската криза без поголеми проблеми.
„По неколку години соочување со мигрантската криза, Србија го помина тој период без поголеми проблеми, успеавме да ја зачуваме земјата без да ја претвориме во голем паркинг за мигрантите. Кај нас доаѓаат мигранти од земјите на Европската Унија, а потоа има блокада, тие не можат да одат понатаму. Последица на тоа е што на различни начини се вмешуваат со луѓе кои се занимаваат со шверц. Меѓу нив се случуваат такви конфронтации. Мислам дека нашата полиција реагираше адекватно“ – вели Дачиќ.
Според неговите зборови, во Србија има околу 4 до 5 илјади мигранти, а најголем број од Авганистан и Сирија.
„Мислам дека ЕУ треба да се плаши повеќе отколку Србија, тие луѓе сакаат да одат понатаму, а нема да останат во Србија. Нема потреба премногу да се возбудуваме, со оружје одат кон земјите од Западна Европа“ – додава Дачиќ.
Министерот изјави дека од западните земји постојано доаѓаат пораки дека мигрантите се прекрасни и златни, а Србија ги крши слободите и човековите права.
„Унгарците поставија ограда поради мигрантите, а се покажа дека и тоа не функционира баш најдобро. Имавме средба со Австрија и Унгарија за мигрантите. Најмногу се пожалија дека меѓу илегалните мигранти има најмногу Турци, Тунижани, Индијци и Кубанци“ рече Дачиќ и посочи дека „нема закана за некаков терористички напад од мигранти“.