
Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски од Скопје е старо-новиот балкански шампион со нов национален рекорд кој денеска го постигна на манифестацијата „Трчај, бе“ во Битола. Патеката долга 21 километар, Ивановски ја истрача за 1 час, 4 минути и 45 секунди.
Рекордерот на Македонија во повеќе атлетски дициплини, Дарио Ивановски, е победник на Балканското првенство, а второпласиран беше Ахмет Алканоглу од Турција со време 1:04:25, трет Романецот Стефан Иулис Гавлила со 1:07:42. Во женска конкуренција победи Луиза Гега од Албанија, една од најголемите балкански атлетичарки, актуелната европската првенка на 3.000 метри стиплчез и финалистка на последното Светско првенство, со време од еден час, 14 минути и 30 секунди. Второто место го освои Маринела Нинева од Бугарија со заостанување од 53 секунди, а трета е Бугарката Девора Аврамова.
Во рамки на „Трчај бе“ се одржа и Државното првенство во полумаратон каде во машка конкуренција на првите три места избија Дарио Ивановски, Жан Тосев и Мартин Трајановски. Во женска конкуренција прва беше Тамара Јолевска-Попов, втора Марија Остојиќ и трета Жанета Богатиновска-Илиева.
Денеска битолската трка „Трчај бе“ прослави пет години. Трките се одвиваа на 5, 10 и 21 километар низ битолските улици, а учествуваа над 1.700 тркачи од различни земји. Трката веќе стана најмасовниот настан за компаниски тим билдинг, па фирми со седиште во земјава кои имаат вработени и соработници од надвор, ги поканија да трчаат заедно во Битола.
„Имаме македонско-јапонска компанија од Охрид која ги покани своите вработени од Јапонија и денес Македонците и Јапонците трчаа заедно. ‘Најтив тимс’, битолски старт-ап, ги повика соработниците од Бали, Намибија и многу други егзотични земји да трчаат во Битола. Од оваа компанија трчаа 86 лица од 20 различни земји. Целта ни е да развиеме спортскиот туризам, ова е најмасовниот спортски настан во Битола, со 1.700 учесници. Прераснува во голем економски и турсистички производ за Битола“, велат организаторите.
Битола и патеката на „Трчај бе“ од оваа година го поседуваат највисокиот сертификат AIMS признат од Светската атлетска федерација, со кој сите постигнати резултати на овие трки ќе бидат меѓународно признати. На 27 август, во Битола дојде сертифицираниот експертза мерење на патеки Борут Подгорник и го изведе мерењето на патеките за трките на 10 и 21 километар.