Данските ракометари во финалето ја декласираа Германија и станаа олимписки шампиони
Ракометарите на Данска го освоија олимпиското злато.
Данска во финалниот меч ја декласира Германија (39:26) и сосема заслужено го освоија златниот медал.
Веќе на почетокот на средбата се знаеше кој е фаворит. Данците ги реализираа првите осум напади и брзо дојдоа до предност од четири гола (8:4).
До полувремето гледавме како се зголемува разликата, а Данска предводена од Гидсен (11 постигнати голови) ја зголемуваше предноста.
На пауза беше 21:12.
Во вториот дел Германија се обидуваше да го намали водството, но ништо не им одеше.
Само во еден момент успеаја да го намалат резултатот под „минус 10“ (13:22), но тоа беше се од Германија.
Подоцна Гидсен и компанија остварија 15 гола предност (35:20), што беше најголемата предност на Данска во последниот меч.
Конечниот резултат гласеше 39:26.
Третото место го зазеде Шпанија, која рано утринава ја победи Словенија со 23:22.