Данска се приклучува кон одбранбената политика на ЕУ

Данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофод денеска изјави дека очекува Данска да се приклучи на одбранбената политика на Европската унија на 1 јули оваа година.

На референдумот одржан вчера, две третини од гласачите одлучија да се откажат од 30-годишното ослободување од одбранбената и безбедносната политика на ЕУ.

Со преброени 100 отсто од гласовите, „за“ напуштање на 30-годишното изземање гласале 66,9 отсто од гласачите, а против 33,1 отсто.

Овој потег е најнов пример на земја во Европа која бара поблиски одбранбени врски со сојузниците по почетокот на конфликтот во Украина. Референдумот следеше по историските напори на другите нордиски земји, Шведска и Финска, да влезат во НАТО, пренесува АП.