Даночниот експерт Павле Гацов смета дека трендот на раст на јавниот долг не зборува добро за здравјето на македонската економија

Потегот на Владата да го зголеми планираното нето задолжување кај домашните кредитори го вклучи алармот и ги поттикна стравувањата за тоа во каква состојба е буџетот. Дел од експертите сметаат дека реалниот БДП за оваа година ќе биде помал од проценетиот што ќе влијае на тоа јавниот долг повторно да ја надмине психолошката граница на задолжување од 60%.

„Ваквиот тренд на раст на долгот не зборува добро за здравјето на македонската економија.Уште повеќе, станува очигледно дека и така слабиот раст на БДП нема да биде можен без одржување на високиот тренд на задолжување“, вели во разговор за „Локално“, даночниот експерт Павле Гацов посочувајки го како аргумент силниот раст на буџетскиот дефицит од 2020 година наваму,кој како што вели, е следен со висок раст на задолжувањето.

Гледано низ бројки, ситуацијата изгледа вака: „Од 2018 до 2022 година, јавниот долг порасна за нето износ од 3 милијарди евра, што е преку 20% од БДП“, вели Гацов.

Коментирајќи го солидарниот данок и очекувањето од приватниот сектор да се соберат околу 70 милиони евра, Гацов потенцира дека дел од овие пари ќе се искористат за поддршка на печатените медиуми.

„Решението според кое дел од данокот кој е еднократен и нема да се повторува секоја година се наменува за финансирање на дејност која постојано има потреба од финансиска поддршка (печатени медуми) не оди во прилог на фактот дека се работи за системско и трајно решение на државата“, објаснува Гацов.

Владата го зголеми прагот на домашно задолжување на 502 милиони евра. Каков сигнал се праќа со тоа во однос на состојбата во буџетот? Носи ли ваквиот потег ризици за вкупната економија, за платежната способност на државата, капиталните расходи и БДП-то?

-Јавниот долг на средината на 2023 година надминува 8,3 мрд евра, што претставува 58% од проценетиот БДП. Според проценките, БДП за 2023 година изнесува 14,4 мрд евра. Сепак, реалниот БДП за 2023 година ќе биде помал од проценетиот за околу 1 мрд евра, што ќе влијае на тоа јавниот долг после 2021 (кога за прв пат изнесуваше 61%), повторно да ја надмине психолошката граница на задолжување од 60 %.

Домашното задолжување учествува со повеќе од една третина во вкупното задолжување (34,26%). Со последната измена на Одлуката за утврдување на максималниот износ на нето-задолжување преку издавање државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар во 2023 година (219/23), Владата го зголеми прагот за НОВО (нето) задолжување од домашни извори за 43,5 %, од 350 милиони евра на 502 милиони евра. Со зголемувањето на прагот на домашно задолжување, побарувачката на финансиски средства на домашниот пазар ќе биде поголема за 150 милиони евра, а за толку ќе биде послаба понудата на финансии за домашните економски субјекти. Трендот на раст на дефицитите и потребата од ново задолжување, како и високите каматни стапки на меѓународниот финансиски пазар се главните причини за поместувањето на лостот кон домашното задолжување, овој пат преку диверзифицирана структура на домашни обврзници во различен облик (граѓански, зелени и сл.), но со иста економска суштина.