
Даночна реформа без нови даноци
Кога последен пат сте јаделе месо од ајкула, кит или делфин? Ако не се пробале досега, отсега ќе биде и поскапо оти Владата најави дека ќе се плаќа повисок данок на луксузни производи. Се зголемува од 5 на 10 проценти. Но, месо од ајкула, па и не е толку скапо. Кумановска месарница продава месо од ајкула по 420 денари за кило жива мера, доколку сакате и да ви ја испечат ќе треба да платите 560 денари. Толку би ве чинело и ако на пример купите пастрмка или пак кило пилешки стек. Статистика покажува дека луѓето во земјава јадат најмногу пилешко, телешко и свинско месо и едвај незначителни количини друго место, меѓу кое и риба.
Во новата даночна реформа богатите нема да плаќаат повисоки даноци. Буџетот ќе може да се полни од парите од хонорарците, но само доколку сакаат да си плаќаат придонеси за пензиско и здравствено. Даночењето на хонорарите би се применувало од 1 јануари 2024. Ќе треба да се направи дигитална платформа на која хонорарците ќе можат да се пријават за да им тече стаж и да имаат здравствено осигурување.
Полнењето на буџетот ќе „падне“ врз грбот на луѓето како Виктор, 30 годишен фриленсер, кој од Македонија работи за странски фирми. Тој и сега и плаќа 10 отсто данок, бидејќи парите му стигаат легално на македонска сметка, а си плаќа и здравствено осигурување.
„Новиот концепт е трул и погрешен. Никој не е луд да плаќа пензиско за систем што е во долгови, се нема пари за пензии и цело време се задолжуваат. Не ми е проблем што ќе ги дадам тие пари, туку што ништо немам од тоа“, вели Виктор, појаснувајќи дека новата даночна реформа нема ништо да му промени.
Нема да има нови даноци и давачките нема да бидат поголеми, најави премиерот Димитар Ковачевски преставувајќи ја новата даночна реформа.
Данокот на личен доход ќе остане 10 отсто, тој на додадена вредност 18 проценти. Нема да се оданочуваат парите што граѓаните и фирмите ги штедат, а ќе нема ниту данок на реинвеститрана добивка, нешто што беше најавено кога министерот за финансии Фатмир Бесими го промовираше новиот даночен систем пред четири месеци. Сепак, ќе има и некои новини, жените ќе купуваат поевтини хигиенски влошки, оти се намалува ДДВ-то од 18 на 5 проценти на производите за менструална хигиена.
Премиерот вели дека приоритет на даночната реформа е секој да го плати својот праведен удел од данокот. Нема ниту реформа, ниту праведност, вели Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски истражувања. Отстапките што ги направија само покажуваат дека немаат идеја што сакаат да прават со даночниот систем и со економските политики, вели тој.