Данела Арсовска – градоначалничката на Град Скопје изјави дека во фокусот е да има проекти во секоја од десетте скопски општини. Таа на денешниот годишен брифинг со новинарите рече дека буџетот на Градот е заглавен со многубројни долгови и информира дека е отпочнато ревидирање со цел да се види каква била намената на средствата кои биле потрошени.
„Се фокусираме да можеме да го направиме најдоброто со средствата кои се на располагање. Од оние проекти кои можете да ги видите во самиот предлог буџет важно е дека како капитални проекти ставени се проектите кои се веќе склучени со повеќегодишни договори кои Градот мора да ги реализира. Јавноста треба да знае дека тоа е тоа што претходното раководство го планирало да го работи во следните години. Мегапаркови имаме во пет општини од Градот Скопје, отпочнуваме со реализација односно со проекторање на кружен тек на влезот во Скопје кај Сарај кој е долгогодишно, а нереализирано ветување за жителите од тој дел на градот. Понатаму имаме програми и проекти за осветлување, за чистење, за санација на улици, исто така има голем дел на проекти што во соработка со општините беа побарани, а нивните барања се доставени. Имаме барање од Чаир, од Сарај, Кисела Вода, од Гази Баба и од Аеродром“ рече Арсовска.
Како дел од капиталните проекти кои ќе се реализираат, а се наследени, се булеварот АСНОМ, мостот и фазата кај новиот мол Ист Гејт, фазата на Борис Трајковски од Пинтија до Маврова река, клучката на Момин поток со кружниот тек пред Тојота, дел од изградбата на реконструкција со атмосферска и фекална канализација на булевар Киро Глигоров.
На брифингот беше посочено и дека проектот за Универзална сала продолжува. Во однос на прославата за Нова Година – Арсовска рече дека општествено одговорни компании ќе обезбедат да има прослава.