Дамева поднесе неотповиклива оставка, Судскиот совет останува да функционира без претседател
Дамева, како причина за оставката, го наведе „немањето слух кај извршната и законодавната власт да се обезбеди брза и ефикасна правда, како и обидите за нарушување на нејзиниот интегритет од страна на високи функционери од власта“.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамевска поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на Советот, кој сега останува да функционира без претседател, откако изборот на нов претседател вчера беше одложен.
Дамева, како причина за оставката, го наведе „немањето слух кај извршната и законодавната власт да се обезбеди брза и ефикасна правда, како и обидите за нарушување на нејзиниот интегритет од страна на високи функционери од власта“.
Од Владата, оставката на Весна Дамева ја оценија како единствената можна и исправна одлука, нагласувајќи дека „од ваквата одлука ќе има многу засегнати и загрижени поради нивното сомнително работење, огромните сомнежи за криминал, како и фалсификување на записници, но правдата мора да профункционира“.
Мандатот на функцијата претседател на Судскиот совет трае две години, а Дамева беше избрана на 5 декември 2022 година.
Изборот на нов претседател на Судскиот совет, иако првично беше ставено на дневен ред на вечерашната седница, како втора точка по констатирањето на оставката на Дамева, сепак беше одложено, за по изборот на двајца нови членови на 11-ти овој месец.
Во меѓувреме, процесот за реформи на Судскиот совет, што го започна Министерството за правда, продолжува денеска, со третата тркалезна маса, што ќе се одржи во Штип. Првата се одржа во Скопје на 15 ноември, а втората во Битола на 28 ноември. Министерот за правда Игор Филков, на почетокот на првата јавна расправа најави дека четирите дебати треба да завршат некаде до крајот на декември, по што ќе се излезе со решение. Заклучоците и препораките од тркалезните маси, како што е најавено, ќе бидат основа за понатамошно подобрување на текстот на измените и дополнувањата на Законот за судскиот совет.
Премиерот Христијан Мицкоски на 28 ноември од собраниската говорница, одговарајќи на пратенички прашања, рече дека има неколку стотици случаи од Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција кои се наоѓаат во Обвинителството за постапување и дека по нив не се постапува.
– Континуирано добивам информации за тоа што се случува во Судскиот совет. Таму има еден клан од двајца, еден од тројца, една е сама, добивам документи од свиркачи за фалсифкувани записници со различни дати, различни печати, без потписи. И ако тоа не е основа за јавниот обвинител да влезе и да провери, не знам кој глас треба да допре до Обвинителството за да постапи, рече Мицкоски.
Додаде дека е потребно да се преземе акција и дека ќе биде преземена без разлика колку политички куршуми ќе прими.
Дамева, наводите кои од собраниска говорница ги изнесе претседателот на Владата Мицкоски за фалсификување на записници во Судскиот совет, при образложување на оставката вчера, рече дека имаат за цел да биде нарушен угледот на Советот и во јавноста да биде прикажан дека не ја извршува совесно својата работа.
-Претседателот на Владата Христијан Мицкоски токму од собраниската говорница изнесе наводи дека во Судскиот совет, со кој раководам, има некави кланови и се фалсификуваат записници. Воедно, во неколку наврати тој, како и политичари од сегашната власт се обраќаа со негативни ставови за членови на Судскиот совет, нивна поврзаност со одредени политичари од претходната власт и сето тоа во насока да се претстави во јавноста дека јас или пак членовите на Советот не ја извршуваме функцијата професионално, стручно, совесно и одговорно, а Судскиот совет, заедно со Советот на јавни обвинители беа посочени како тела кои треба да бидат распуштени. Дури, во телевизиско гостување истакна и дека на нашето место, на местото на постојаните членови на советите, треба да дојдат „нивни“ луѓе, претпоставувам дека тоа се однесува на судии или обвинители кои се блиски до владеачката политичка партија. И ова, во една демократска држава е многу сериозно, да не речам поразително, порача Дамевска.
Советот за да го зачува угледот, вели, во неколку наврати не реагирал на изјавите од страна на политичари, кои како што рече, посочувале одредени судии во јавноста и толкувале правни ситуации.
Во однос на траењето на нејзиниот мандат, Дамева рече дека, бил инициран од поединци од Советот на кои, како што нагласи, „не им одговара законското постапување и одлучување во Советот, ниту пак беа целосно посветени на активностите кои беа спроведени, а се резултат на макотрпната работа на мнозинството членови и вработените во Советот“.
Судскиот совет, по констатирањето на неотповикливата оставка на Дамева, вчера требаше да избере нов претседател на Судскиот совет, но по предлог на членот на Советот, Исамедин Лимани, таа точка беше едногласно тргната од дневен ред. Според Лимани, Советот треба да избира претседател кога ќе биде во полн состав, односно по изборите на двајца нови членови кои треба да се случи на 11 декември.
– Двајца членови со право на глас се отсутни, а исто така сме во фаза на избор на двајца нови членови на Советот кои ќе се избираат на 11 декември. Еден член од општата листа од Апелационо подрачје Штип и еден член од посебната листа, така што изборот на претседател мислам дека треба да биде кога Советот ќе биде комплетиран, посочи Лимани.
Ставот и на останатите членови е дека Советот може да продолжи со работа без претседател сѐ до неговото комплетирање.
Мандатот на функцијата претседател на Судскиот совет трае две години. Дамева беше разрешена во април минатата година, кога нејзиниот заменик Селим Адеми повика на гласање за нејзино разрешување, при што седум члена го поддржаа, по што тој констатира дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата. Таа поднесе тужба на одлуката за разрешување до Управниот суд и тој на 3 јануари таа одлука ја укина и ја врати Дамева на функцијата.
Дамева уште минатата недела изјави дека мандатот на претседателот на Судскиот совет е во траење од две години, согласно член 8 став 2 од Законот за Судскиот совет. Таа рече дека изненадуваат толкувањата за наводно продолжување на мандатот надвор од утврдениот законски период од две години, при постоење на неспорен факт дека постои прекин.
За член на Судскиот совет Дамева беше избрана на 12 декември 2019 година, на предлог на тогашниот претседател Стево Пендаровски. Според Законот за Судски совет, членовите на Советот избрани од страна на Собранието имаат мандат од шест години со право на уште еден избор.