Собранието изгласа недоверба – Дамева остро: Мора ли да газите по живи луѓе?

Никој не може да ме заплаши и да ме замолчи, но на политичарите очигледно не им требаат такви кадри, рече Дамева во Собранието.

Со 77 гласа Собранието на Република Северна Македонија денеска изгласа недоверба на Весна Дамева, член на Судски Совет. Според заклучокот, Дамева имала значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и судиите и придонела за падот на довербта на граѓаните кон судството. Воедно, се наведува дека таа ја занемарила и не ја извршувала својата функција во работата на Советот, а поради изгласаната недоверба, го губи легитимитетот да учествува и одлучува во работата на Судски совет.

Морате ли да газите по живи луѓе за да освоите политички поени – ги праша Весна Дамева, поранешната претседателка и сега членка на Судскиот совет пратениците, на расправата во Собранието за нејзината и другите четири интерпелации. Во, како што го опиша Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, „политичкиот говор“ таа најдиректно обвини за мешање на политиката во судството, за незаконски упад во независноста на третата власт и за обид да се замолчат и заплашат судиите.

Своето обраќање, пишува „Независен“ таа го започна со притисоците што ги трпела изминатите години откако беше избрана во ова тело, оценувајќи дека била предмет на постојани омаловажувања, деградирања, навредувања и  дека и се спорела стручноста и компетентноста, на што не реагирала  не затоа што се плашела, туку затоа што сето тоа го очекувала.

„Бев подготвена на тоа, дека вие политичарите  ќе ги користите сите сретства за да ми влијаете“, рече Дамева, додавајќи дека никогаш не дозволила на таков начин да ги носи одлуките, но дека нејзиното семејство не е должно  да ги трпи тие политички игри.

Споменувајќи дека била во Собранието и кога се расправаше за годишниот извештај за работата на Судскиот совет, таа им порача дека гордо стои пред нив за последен пат,  бидејќи нејзиниот мандат и онака завршува за неколку месеци и дека денес е тука не за да се брани себе, туку за да застане во одбрана на судството. Потоа, наведе неколку причини против интерпелацијата, што е најава дека ниту еден од членовите за кои се гласа денес нема да си поднесе оставка, макар и да бидат изгласани.

Таа имено посочи дека „правото не признава колективна одговорност“ туку само индивидуална, дека судството не е потчинета власт на Собранието и на политиката туку е трета власт, дека пред очите на целата јавност преку телевизиски пренос се случува директен упад во независноста на судскиот систем,  дека тоа мешање доаѓа од актуелната власт и дека пратениците тргнале на пат од кој нема враќање. Притоа укажа дека годишниот извештај  за работата на Судскиот совет не може ни да биде причина за интерпелациите и праша – која е вистинската причина? – бидејќи е само документ со статистички податоци, уште повеќе што ни законски не може да биде причина за разрешувања.

Конкретно за причините што беа наведени во нејзината интерпелација таа посочи на неколку куриозитети, т.е. небулози. Според неа, од 67-те пратеници кои застанале зад барањето, на  интерпелацијата немало ниту еден потпис  туку тие биле  доставени на дополнителни листови што, како што рече, покажува дека потпишувале бланко инетрпелација, без да знаат што ќе стои во неа.

-Можам да ги замислам денес како чекаат во ред да се потпишат на  бланко интерпелацијата покрената од моќникот Антонио Милошоски (за кој имено се водеше судски случај за корупција под тоа име), кој од ТВ дебата ми се закани претходно со кривична одговорност . Ве прашувам сега – кој е неетички, пратеникот или јас како членка на Судскиот совет? Дали тој со оваа интерпелација придонесува за владеењето на правото? – праша таа реторички.

Потоа таа ги опиша посакуваните членови на Судски совет и судии кои во минатото реферирале кај министри, судиите од тефтерчето на Гордана Јанкуловска и слично, но сепак не биле сменети бидејќи немало таква можност, како што нема ни сега. Па, го впери прстот во актуелната претседателка Гордана Сиљановска Давкова која била дури двапати рецензент на најпочитуваниот експерт за уставно право Светозар Шкариќ на неговите научни трудови  за интерпелацијата како механизам. Според тие два труда, интерпелацијата може да се применува само за Владата и за членови на владата и се однесува исклучиво на политичка одговорност, па запраша – кога била во право Сиљановска, тогаш или сега кога застана зад интерпелациите?

-Очигледно пред политиката науката замолчува, рече таа на адреса на Сиљановска, која инаку гордо ја истакнува својата експертиза како познавач на уставното право.

Според Дамева, граѓаните всушност не ги интересира кој е член на Судскиот совет туку дали правдата е брза и неселективна.

-Проблемот нема да се реши  со интерпелациите туку напротив ќе се продлабочи. Со нив се прави опасен преседан. Тоа не го заслужува нашата држава, ниту го заслужуваат нашите граѓани, рече Дамева посочувајќи дека решението е во имплементација на препораките на Оценската мисија и во барање на одговорност, но индивидуална.

-Апсурдно е од мене да се бара одговорност  за моето разрешување, реагираше таа и на небулозата каде меѓу причините поради кои се бара да и се изгласа недоверба во Собранието е спомената нејзината незаконска смена како претседател на Судскиот совет. Потоа кажа уште една небулоза — дека во една од постапките што и се ставаат на товар воопшто не ни учествувала, бидејќи се изземала.

-Се согласувам само со една причина – дека не сум била најдобар избор за член на Судскиот совет.  Точно е, не бев најдобриот избор за политичко пазарење ни за оваа ни за претходната власт. Никој не може да ме заплаши и да ме замолчи. Но, на политичарите очигледно  не им требаат такви кадри, рече Дамева споменувајќи дека во власта толку се брзаат да именуваат нови судии и членови на Судскиот совет што не го чекаат ни донесувањето на новиот Закон за Судски совет. На крајот пред да си замине од говорницата и од салата за да присуствува на седница на Судскиот совет, таа порача дека неправдата, од каде и да доаѓа ја убива правдата, и дека на граѓаните веќе не им е ни важно кој е одговорен за недовербата во судството, туку како ќе ја вратат.

На нејзиното обраќање реагираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицески кој ја повика да остане и да одговара на пратенички прашања барем  еден час, бидејќи со „политичкиот говор“ само се промовирала како жртва.

-Ве повикувам заради процесот, не заради Дамева. Ако има лични напади јас  ќе бидам тој што ќе ве брани. За довербата од 2 отсто на судството најголемиот виновник сте вие бидејќи не сте го изменаџирале добро  процесот, рече Мицевски.

Сепак Дамева си замина, а нешто подоцна расправата ја напуштија и пратениците на СДСМ така што власта остана да си држи монолог и да гласа за интерпелации кои ниту имаат законска основа ниту ги обврзуваат членовите на Судскиот совет да си поднесат оставка.

Извор: Независен