Поранешниот претседател на Основниот суд во Кавадарци и актуелен судија во овој суд, Лазар Нанев, по една недела денеска повторно се најде на дневен ред на Комисија за утврдување одговорност на Судскиот совет.
За разлика од минатата недела, денеска Нанев дојде на расправата на Комисијата за лично да ги соочи своите аргументи со членката и претседателка на Советот, Весна Дамева, која овој пат седеше спроти него како подносител на барањето за утврдување одговорност на кавадаречкиот судија.
На расправата, која траеше околу два часа и беше налик на судење, со воведни зборови, изведување докази и завршни зборови, како што налага процедурата во вакви случаи, Дамева изнесе наводи дека Нанев преку дописи испратени до судот во ноември лани, додека сè уште ја извршувал функцијата претседател на Основниот суд во Кавадарци, на недоличен и недостоен начин сакал да ја дискредитира и да ја омаловажи како член на Судскиот совет, упатил сериозни критики за работата на друг член на Советот и се обидел да наметне цензура при одлучувањето на ова тело во постапките каде што како засегната страна се јавувал поранешниот претседател на судот во Кавадарци.
„Поразителен е начинот на изразување, употребниот вокабулар, па дури и малициозноста при обраќањето, содржано во дописите. Ова е особено фрапантно ако се има предвид фактот дека тој знаел и бил должен да знае дека доколку смета дека неговите права по која било основа се повредени или нарушени можел тоа да го оствари во соодветна постапка и на начин согласно со закон, без притоа дописот што го поднел во својство на претседател на суд да изнесува податоци и сознанија до кои дошол како судија или граѓанин. Со наведените дејствија судијата Нанев сторил потешка дисциплинска повреда за која се поведува постапка за утврдување одговорност на судија, односно посериозна форма на недолично однесување со кое се нарушува угледот на судот и угледот на судиската функција која ја извршува, предвидена во член 175, став 1 точка 1 од Законот за судовите“, рече Дамева во своите воведни зборови.
Судијата Нанев, пак, од своја страна, одговарајќи на наводите на Дамева, рече дека нејзиното барање и аргументите во негова поткрепа таа ги изнела на крајно нецивилизиран начин, со манипулации од позиција на сила, мајоризација, како и од позиција на диктатура.
Нанев, условно кажано, обвини и дека Дамева го злоупотребува и искористува правото што го има како претседател на Судскиот совет за да манипулира со членовите на Советот и со јавноста и медиумите. А, сето тоа, како што наведе тој е поради нејзината лична нетрпеливост и омраза кон него.
„Својата лична нетрпеливост и омразата која што со нејзиното доаѓање во Судскиот совет е насочена кон мене и постојано ја изнесува, а се со цел моја лична дискредитација при конкурсите и обидите за мое унапредување што многу вешто во својот вординг го користи при образложување при донесувањето на одлуките дека се работи за несоодветна личност што беше потврда и при последниот избор за судии во Апелацискиот суд Скопје. Не можејќи истата да се соочи со реалноста, не трпејќи успешни и напредни судии, но користејќи вешта манипулација, на овој начин манипулира за некакви мои недоличности, незаконитости, нарушување на некаков углед без да знае дека Основниот суд Кавадарци е најуспешниот суд воопшто во државата кој што со својот респект, почит, колегијалност и достоинство се возидигна во светски познат суд, а нејзината омраза и гнев се обиде да ги преточи и искористи за мое омаловажување и навреди за сето она што досега го имам направено“, рече Нанев.
Дека тоа е така, судијата се обиде да демонстрира и на денешната расправа, покажувајќи го ливчето со неговото име и презиме, а на кое, како што рече, од омраза не е напишана и неговата академска титула проф. д-р.
Инаку, едниот од дописите кои судијата ги доставил во Судскиот совет во кое бара заштита бидејќи близок роднина на Дамева преку социјалните мрежи му се заканува изминатите четири години за што бил осуден и со правосилна пресуда. Сепак, како што рече, судијата, тоа лице – се наоѓа во Лондон и не може да биде екстрадирано во земјава оти некој го штити.
„Четири години лицето Љ.Г., прв братучед на Весна Дамева, секојдневно, три часа дневно, а на годишно ниво тоа се 1 000 часа, на четири години тоа се 4 000 часа се заканува дека ќе изврши убиство, дека ќе ме лиши од живот мене, моите деца, мојата фамилија, за што ги трпам најголемите притисоци секојдневно во мојот живот. На ден 22.07. 2023 година добив пресуда од Апелацискиот суд Скопје со која е потврдена првостепената пресуда на казна затвор од една година и 10 месеци кон ова лица. На страница 3 од пресудата во првиот пасус во целост се наведени дејствијата на извршување од страна на обвинетиот. Цитирам: ‘Да ти го е… племето Лазар Нанев’, Племето тебе со тенџерето се однесува на градоначалникот Митко Јанчев, ‘Сите ќе загинете, да ви е… крвта мајчина, сите до еден, а Кавадарци и градот ќе го исчистам од вас’, ‘Треба да го исчистам Лазар Нанев’, ‘Лазар Нанев прв и последен ќе загине’. Ова лице секојдневно три години објавува лични податоци, за ова лице се донесени четири правосилни извршни судски одлуки. Спрема ова лице, со оглед на тоа што е недостапно за органите на прогонот и се наоѓа во Англија, во Лондон, распишана е потерница, поведена е постапка која не може да се спроведе. Очигледно е дека некој го штити да не биде екстрадиран, а истиот продолжува со несмален интензитет. Кога ќе ја прочитате пресудата, ќе сфатите за каква личност се работи. Според она што го изјавува и објавува, нарачателот и информаторот се во нашата земја. Известувањето го ставам на ваше запознавање“, рече Нанев во своја одбрана.
На ова Дамева одговори дека за неа е неспорно дека однесувањето на тоа лице е крајно недолично и дека во врска со случајот сочувствува со судијата Нанев, но додаде оти Судскиот совет не е институцијата од каде што треба да бара заштита.
„Токму поради таквото однесување на тоа лице, и јас и моето семејство ја имаме прекинато секоја комуникација со лицето Љупчо Грков од 2017 година… Наводите на судијата дадени во воведниот говор дека неговите дописи претставуваат апел и помош за заштита од ова лице навистина не можам да ги прифатам како сериозни, ниту може да прифатам дека целта е судијата да оствари заштита. Напротив, судијата во овие дописи, особено во првиот, се изразува крајно недолично со обвинувања и непоткрепени докази акатакувајќи не само на угледот на членови на Судскиот совет туку нарушувајќи го и својот углед како судија, како и злоупотребувајќи ја и функцијата што во тој период ја извршувал како претседател на суд“, рече Дамева.