Дали притворите на Јанакиески за разни предмети ќе се спојат и дали ќе лежи во затвор за „Титаник“?

Екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и денеска повторно е во скопскиот Кривичниот суд во Скопје за еден од предметите во кои му се суди, еден ден откако беше објавена правосилноста на пресудата за случајот „Титаник“. Јанакиески во овој предмет призна вина и доби три и пол години затвор.

Иако против Јанакиески има повеќе предмети, а некои се во суд веќе шеста година, „Титаник“ е првиот предмет за кој има правосилна пресуда против него.

Јанакиески помина многу долго време во притвор, за повеќе различни предмети.

Денеска неговиот адвокат Еленко Миланов поднесе барање до Кривичниот суд во Скопје со кое бара – притворите од разни предмети кои ги одлежал Јанакиески да се соберат и да му се одземат од казната за „Титаник“.

„Законски пречки за такво спојување нема. Дури и законските одредби укажуваат на тоа дека без оглед за кое кривично дело, доколку има лишување од слобода за кое било кривично дело, судот треба да ги засмета. Никаде не е определено дека судот, ниту дека по разни предмети може да се спојат (притворите н.з.), но исто така никаде не е забрането тоа да се чини“ – изјави Миланов.

Ако Кривичниот суд го одбори ваквото барање, тоа секако ќе биде прво, барем кога е во прашање осуденик од висок профил како што е Миле Јанакиески.

И не само тоа, ако судот се согласи да му ги спои притворите, ќе треба и да се согласи да „пребие“ само дел од нив со затворската казна за „Титаник“, а дел да остави „фазла“ бидејќи поранешниот министер има поминато повеќе време во притвор отколку што досега му е досуден затвор.

„Ако досега има издржано четири години и шест месеци, што е до овој момент една година повеќе од она што е актуелно правосилна казна, со вчера објавената пресуда, која ја имаме видено само на порталот, сметам дека има можност и основа да бидат засметани дел од овие четири години и шест месеци – изјави Миланов.