СДСМ продолжи со обвинувањата кон премиерот Христијан Мицкоски по неговиот начин на патување за Вашингтон, каде што присуствуваше на НАТО Самитот. Од опозициската партија велат дека премиерот ги признал картите од 20.000 евра и како што велат, луксузирањето со бизнис-класата во авионите.
-Дали министрите Муцунски, Тошковски и Мисајловски исто така имаат проблем со колената, па затоа мора и тие да патуваат со бизнис класа? Зошто молчеше и се криеше со денови откако СДСМ го откри јавно скандалот со луксузните патувања? Ќе ги објави ли сега Владата сите трошоци кои ги платија граѓаните за луксузните прошетки на Мицкоски и неговите министри, прашаа од СДСМ преку писмено соопштение.
Ваквиот став на партијата на Венко Филипче следува откако вчера премиерот во дебатна емисија обелодени дека од Скопје до Виена патувал со економска класа, а оттаму до Вашингтон и од Њујорк до Виена со бизнис-класа поради тоа што има здравствени проблеми со колената.
-Кога патував од Виена до Вашингтон и од Њујорк до Виена патував со бизнис-класа бидејќи имам проблем со колената и потоа не можам еден ден да бидам функционален бидејќи сум повисок и затоа одбрав така. Но, од Скопје до Виена и од Виена до Скопје бев во економска класа накај излезот за итни случаи. Обично седам на излезот за итни случаи поради тоа што има повеќе простор за нозете, некаде помеѓу 11-иот и 12-иот ред. Кога летав за Лондон седев помеѓу 11-иот и 12-иот ред од седиштата на компанијата ‘Аустријан ерлајнс’. И во минатото сум правел така и во иднина ќе така ќе биде, појасни Мицкоски.
Премиерот се осврна и критиките во однос на патувањето на неговиот син, кој заедно со него беше во САД.
-Навикнат сум шест години да ми го напаѓаат семејството, сега одлучија детето да ми го напаѓаат. ДКСК го истражува целиот случај. Да почекаме истите да излезат во јавноста и да си кажат. Ако има и еден милиметар отстапување, подготвен сум да сносам одговорност. Ако не сум погрешил, тогаш треба да ми се извинат.
Претседателот на САД мислам дека во беше во Литванија, беше со внукот или внуката. Инсистирав да го платам од сопствени средства. Ако сум погрешил, подготвен сум да сносам одговорност. Така беше и за „хидромицко“ и за милион други работи…Нека ми ги остават децата и семејството, мене нека ме тепаат, рече меѓу другото Мицкоски во емисијата „Топ тема“.