Дали ЕУ ќе ја спасува Македонија од новата еколошка такса?

На Македонија ќе и треба сериозна финансиска инјекција од Европската комисија ако од 1 јануари 2026 година започне да се применува таксата за емисии на јаглерод диоксид, вели претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

На Северна Македонија ќе и треба сериозна финансиска инјекција од Европската комисија, ако од 1 јануари 2026 година започне да се применува таксата за емисии на јаглерод диоксид. Иако земјите од регионот имаа период од три години да се прилагодат на оваа нова давачка, сепак таа ќе предизвика дополнителни финансиски трошоци, коишто би биле сериозен товар за нив, смета првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Земјите од регионот имаат повеќе од една година за да се прилагодат на воведувањето на новата зелена такса. Бислимоски вели дека на оваа тема се разговара со регулаторните тела во регионот, но и со ресорните министерства.

„Станува збор за сериозна реформа во однос на воведувањето на оваа такса и треба да се направат анализи дали воопшто е потребно вака драстично да започне од јануари 2026 година за нашиот регион. Имајќи предвид дека домашното поизводство на електрична енергија и во Македонија, но и во другите земји од регионот како Босна, Грција, Србија, Косово и Црна Гора се базира пред се на термоелектраните, тоа би претставувало сериозен притисок на економиите“, вели првиот човек на регулаторното тело.

Тој смета дека во наредниот период од една година треба отворено да се дискутира и со претставниците на ЕУ за начинот кога и како да се применат овие обврски во земјите од регионот.

Новата давачка од финансиски аспект, според него, може да предизвика проблеми и да ги изложи на дополнителни трошоци земјите од регионот, поради што смета дека ако се реши да се почне со имплементацијата на еколошката такса од 1 јануари 2026 година, регионот треба да добие финансиска помош од страна на Европската комисија, како што го имаат тоа право сите земји членки на Унијата.

Од 1 јануари 2026 Македонија ќе мора да плаќа еколошка такса ако произведува електрична енергија од јаглен, односно ќе плаќа за производи кои за да се направат, користеле енергија која испуштила CO2 во атмосферата. Во однос на тоа колку би изнесувала таксата, Бислимоски вели дека има два пристапи – едниот е директно да се имплементира на цената на електричната енергија произведена од термоелектраните, што е некаде 60 до70 евра за мегават/час.

Вториот пристап е на секој производ од Северна Македонија којшто ќе се извезува во земја членка на ЕУ да се воведе дополнителна такса.

„Колку е помало производството од термоелектраните, толку и трошоците ќе бидат помали“, вели Бислимоски.

Северна Македонија изминативе години презема мерки за спроведување на зелената транзиција. Над 1.200 лиценци за производство на струја од обновливи извори за помалку од три години поминаа низ филтерот на Регулаторната комисија за енергетика и се квалификуваа да се приклучат на мрежата. Тоа резултираше со инвестициски бум во обновливи извори кои го стопија увозот на струја од 40 % на 2,75%.

Бислимоски се надева дека до крајот на годината во земјата ќе има нови инсталирани помеѓу 950 до 1.000 мегавати обновливи извори на енергија. Иако се повеќе има капацитети од обновливи извори, сепак, енергетскиот систем се базира пред се на РЕК Битола.

„Трите блока во термоелектраната во Битола, иако имаат вкупен капацитет од 700 мегавати, реално работат со капацитет од 450 до 480 мегавати што значи дека еден блок како да е затворен. Исто така термоелектраната Осломеј повеќе не работи отколку што работи, така што ние сме на добар пат“, вели Бислимоски.

Но, според него, ќе треба да се обезбедат финансии и начини за оваа базна енергија што ќе се изгуби од термоелектраните да се замени со друга базна енергија. „Базна енергија може да ни дадат погенеративни посторојки коишто произведуваат електрична и топлинска енергија, или пак изградба на големи хидроелектрани, но за тоа треба време“, вели Бислимоски.

Светска банка во својот неодамнешен извештај посочи дека Македонија може да стане земја со нето нулта емисии ако инвестира 5,6 милијарди долари до 2050 година во декарбонизација на енергетиката, транспортната индустрија и градежниот сектор. Земјата би требало да инвестира дополнителни 1,7 милијарди долари до 2030 година и 5,6 милијарди до 2050 година во енергетскиот систем за да постигне нето нула на ниво на целата економија што е еквивалентно на околу 2,6 проценти од БДП годишно, во просек. Поголемиот дел од дополнителната инвестиција до 2050 година би отишол во секторот за електрична енергија и би бил најмногу насочен кон зголемување на капацитетите за производство на обновливи извори.

Извор: Дојче Веле