
Дали возачките дозволи издадени во последните два и пол месеци на територија на Пелагонискиот регион се валидни? Ова прашање се наметна во Битола откако Авто мото испитен центар „Супер возач“ ДООЕЛ Битола доби забрана за работа од МВР за период од еден месец, а извршената контрола покажа дека Испитниот центар не поседува соодветна документација за потребниот стручен кадар и возила.
„Супер возач“ прекина со работа на 12 август, а како што извести на својата веб страница, прекинот ќе трае до 13 септември. Ова е единствената комуникација на операторот со јавноста, засега не одговара на повиците на медиумите, пишува „Независен“.
Во мај годинава МВР и додели лиценца на фирмата „Супер возач“, со заклучок дека ги исполнува условите да биде Испитен центар за полагање на возачки испити во Пелагонискиот регион за следните пет години, сега по контролите констатира нерегуларности.
Според медиумските наводи, зад оваа фирма стои функционер на ВМРО-ДПМНЕ и советник во советот на Општина Кичево, Филип Митрески, преку фирмата „Стрит рајд“ којашто е сопственик.
Од МВР за „Независен“ одговорија дека врз основа на член 252 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/15, 226/15, 55/16, 11/18, 83/18, 191/18, 98/19, 302/20), Министерството за внатрешни работи изврши надзор и контрола над исполнетоста на потребните услови и начинот за работа во Друштво за услуги Авто мото испитен центар ‘Супер возач’ ДООЕЛ Битола кој поседува лиценца за испитен центар и утврди низа на пропусти во работата.
„При надзорот не е приложена комплетна документација за исполнување на условите во однос на потребниот стручен кадар согласно член 246 од истоимениот закон, потребната документација за возилата кои треба да ги поседува за спроведување на практичниот дел од возачкиот испит согласно член 248 како и водење на неуредна евиденција согласно член 42 од Правилник за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално – техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар (‘Службен весник на РСМ’ бр.29/2025)“, одговорија од МВР за „Независен“.
Од Министерството понатаму констатираат дека – „Поради горенаведените забелешки согласно член 252 став 3 од ЗБСП, изречена е забрана за спроведување на возачки испит на кандидати за возачи во времетраење од 30 дена на горенаведеното правно лице и му се определува рок од 30 дена да ги отстрани утврдените недостатоци“.
Битолчани веќе реагираат на социјалните мрежи: „Дали сега издадените возачки ќе се валидни? По закон, би требало да не се. И кој ќе ја сноси одговорноста за тоа?“, пишува битолчанецот Љупчо Мојсовски.
Родители се загрижени за ситуацијата, особено за младите кои треба да заминат на студии или странство.
„Тешко на децата, син ми заврши часови во март, а сѐ уште не може да дојде до полагање. Затоа и ќе ги изгубиме децата по странство ќе си останат само просечните да си играат ‘политика’…“, коментира Иле Темелковски.
По шест месечен застој во полагањата за возачка дозвола од средината на декември лани со јуни годинава, фирмата „Супер возач“ на 4 јуни објави дека почнува со работа опремена и со кадар и со возила.
Во известувањето до медиумите испратено во јуни, операторот АМИЦ „Супер возач“ Битола со седиште во Битола и шест места каде што ќе може да се пријавува за полагање (Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Крушево и Македонски Брод), објави дека поседува три автодроми за полагање на прв практичен испит во Битола, Прилеп и Ресен како и три центри за полагање на теоретски испит во Битола, Прилеп и Ресен.
За полагање на првиот и вториот практичен испит АМИЦ „Супер возач“ Битола на кандидатите за возачи им става на располагање триесетина стандардизирани возила од сите категории.
„Возачките испити во АМИЦ ‘Супер возач’ Битола ги спроведуваат лиценцирани испитувачи, доминантно од редот на дипломирани сообраќајни инженери со долгогодишно искуство во едукација и тестирање на кандидати за возачи. Непосредно по официјалниот почеток со работа, АМИЦ ‘Супер возач’ Битола ќе започне со прием на пријави за полагање на возачки испити како и со закажување и објава на распоредот за полагање на првите испити“, извести првично новиот оператор.
По новонастаната состојба извесно е дека проблемот со полагањето на возачка дозвола во регионот се продлабочува на штета и на кандидатите и на авто школите.
Во Битола има 6 авто школи со преку стотина вработени. Налето и напролет се запишуваат матурантите, само од нив таа бројка на засегнати изнесува над 1.000 кандидати. Вкупните трошоци за една возачка дозвола изнесуваат околу 42.000 денари.