Далеку помалку од најавите за изгорени 100 тони: Изгореле 14 тони бои и лакови, се прават анализи на почвата и водата

Примероци од почвата и водата ќе бидат земени од терен по вчерашниот голем пожар во фабрика за бои и лакови во тетовското село Фалише. Станува збор за 14 тони бои и лакови и други хемиски препарати, што е многу помалку од првично кажаните стотина тони.

– Поголем дел од магацинот бил железарија, а мал дел за бои, лакови и деуги хемиски препарати. Од пожарот до денес врне слаб дожд, а во текот на ноќта дувал и слаб северен ветер кои помогнале ПМ честиците во воздухот да дојдат во нормални граници поради што нема потреба од мерки за заштита од дополнително загадување. Во текот на денот ќе бидат земени примероци од почвата и водата заради дополнително испитување – истакна директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Денеска имаше по малку чад, но на лице место континуирано имаше екипа пожарникари од ТППЕ Тетово што ја контролираше ситуацијата, како и полиција за обезбедување на локацијата.

Екипа од ЈЗУ Центар за јавно здравје Тетово излезе на терен за да ја испитаат водата за пиење, но резулатите дали има загадување и во кој обем ќе се знае за неколку дена. Од ЈЗУ Тетово известија дека состојбата на водата ќе биде во ред, бидејќи бушотината достига до 50 метри длабочина.

Министерката за животна средина, Каја Шукова објасни дела автоматскиот мониторинг систем на МЖСПП мери неогрански испарливи материјали и не мери органски испарливи материи, одговарајќи на прашањето зошто по пожарот не се изврши мерење на загаденоста на воздухот.

Таа истакна дека кај нас во моментов и нема акредитирана метода со која ќе може да се измери испарување на органски загадувачи во воздухот.

– Покрај Центарот за управување со кризи и Институтот за јавно здравје, на терен излезе и Државниот инспекторат за животна средина, иако во рамките на надлежностите на животна средина, овој случај не е во наша надлежност, ниту во надлежност на инспекторатот. Здравјето на граѓаните е важно затоа и ДИЖС злегоа да направат увид и да видат, дали некако можат поконкретно да помогнат – рече Шукова.

Таа додаде дека ваквите компании, во кои завчера гореа бои и лакови не потпаѓаат во системот на А и Б интегрирани дозволи, но потпаѓаат на контрола врз основа на доставен елаборат, за којшто треба да даде согласност општината.

– Сега треба општината да провери дали овој склад работел со предвидени мерки, а особено противпожарни мерки и дали има елаборат за заштита на животната средина. Ние не сме истражен орган, нема тоа да го проверуваме, меѓутоа мислам дека општината треба да провери. Затоа и постојано посочуваме кога се отвараат било какви вакви, дали се тоа магацини, дали се тоа помали објекти каде што се работи со вакви материи мора да се почитува законската регулатива, во делот на животната средина – нагласи Шукова.

Таа упати препорака до граѓаните да внимаваат наредниве денови, да не користат земјоделски производи од тој терен бидејќи загадувачките честички ќе се спуштат на површината на почвата и ќе влезат во земјата и водата. Министерката очекува надлежните институции она што можат да го направат и да го евидентираат и да ја информираат јавноста.