Г7: Иран да престане да ги поддржува Хамас, Хезболах и Хутите
Министрите за одбрана на Групата седум индустриски најразвиени земји (Г7) денеска упатија апел до Иран да престане да ја поддржува палестинската група Хамас, но и нејзините сојузници – Хезболах во Либан и Хутите во Јемен, кои се ангажирани на фронтовите против Израел
Министрите за одбрана на Групата седум индустриски најразвиени земји (Г7) денеска упатија апел до Иран да престане да ја поддржува палестинската група Хамас, но и нејзините сојузници – Хезболах во Либан и Хутите во Јемен, кои се ангажирани на фронтовите против Израел.
– Г7 апелира Иран да се воздржи од давање поддршка на Хамас, Хезболах, Хутите и другите недржавни актери, како и од преземање какви било дополнителни мерки кои би можеле да го дестабилизираат регионот и да иницираат процес на „неконтролирана“ ескалација, се наведува во заедничката изјава по состанокот во Неапол.
Министрите повикаа и на „значително и одржливо зголемување“ на хуманитарната помош за Појасот Газа.
– Земјите од Г7 се обединети во нивната поддршка за потребата од итен прекин на огнот во Газа, ослободување на сите заложници, значително и одржливо зголемување на протокот на хуманитарна помош низ Појасот Газа и пат кон решение со две држави, се наведува во заедничка изјава.
Министрите ја потврдија својата „непоколеблива“ поддршка за Украина, вклучително и воена поддршка.
– Ја потврдуваме нашата непоколеблива поддршка за слободата, суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, сè додека е потребно. Ја нагласуваме нашата намера да продолжиме да обезбедуваме помош за Украина, вклучително и воена, на краток и долг рок, се додава во заедничката изјава.
Земји-членки на Г7 се САД, Франција, Германија, Италија, Канада, Велика Британија и Јапонија.