Г.г. Стефан и владици на МПЦ-ОА денеска со богослужба во црквата „Св. Тројца“ во Истанбул

Македонската црковна делегација петдневната посета на Фанар ќе ја заврши денеска со богослужба во црквата „Св. Тројца“ близу плоштадот Таксим во Истанбул.

Богослужбата ќе ја одржи г.г. Стефан во сослужеништво на владици на Охридската архиепископија, а на неа на тронот ќе стои не служејќи и патријархот Вартоломеј, тој ќе присуствува на литургија што ќе ја служи нашиот архиепископ.

Вчера, во обраќањето по завршувањето на Патријаршиска и синодална света литургија, архиепископот Стефан испрати порака до патријархот Вартоломеј за добивање автокефален статус на Охридската архиепископија, нагласувајќи дека кај него се „принадлежностите и правата за доделување автокефалност“.

„Добро ви е познат копнежот на нашата јерархија и на нашиот православен народ, и тоа не го сокриваме од Вас и пред Вас, и пред членовите на свештената јерархија на Вашата Црква и на верниот народ што ѝ принадлежи – да ја видиме Охридската Архиепископија возобновена и уредена како автокефална Црква. Но, Господ ни е сведок, дека колку ни е надежта голема, уште поголема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Вам Ви го оставаме судот на времето, но Ве молиме – не заборавајте нѐ, помагајте ни да растеме. При Вас се принадлежностите и правата и не молиме повеќе и поинаку од она како што постапивте со доделувањето на автокефалиите низ историјата, па и во современието. Без да поставуваме аналогија со зборовите на Мудриот Соломон, а имајќи го предвид одговорното и служечко првенство и привилегиите и авторитетот на Константинополската катедра, ќе речеме: „Имаш голема сила, и кој може да се дигне против силата на Твојата мишка?- рече архиепископот Стефан.

Тој нагласи дека нашиот завет е дека „упорно ќе работиме на своето издигнување и дека трпеливо ќе го чекаме тоа благопријатно време, кога радосната објава на Великата Христова Црква за нас, пропратена со веселото биење на црковните камбани, ќе ги преисполни со неопислива радост срцата на нас современите и ќе ги смири духовите на упокоените“.