Нуклеарното оружје мора да замине во историјата бидејќи не гарантира безбедност, туку носи само уништување, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
„Нашиот свет доволно долго беше заложник на нуклеарно оружје. Овие уреди на смртта не гарантираат победа или безбедност. Според дизајнот, нивниот единствен резултат е уништување. Да обезбедиме крај на тестирањето засекогаш и да го оставиме нуклеарното оружје во историјата – еднаш засекогаш“ – напиша тој на Твитер.
Генералниот секретар на ОН се осврна на ова прашање во неговиот говор на конференцијата за разгледување на Договорот за неширење на нуклеарно оружје (НПТ) во Њујорк на почетокот на август.
Тој предупреди дека „човештвото е само едно недоразбирање, една погрешна проценка до нуклеарно уништување“, бидејќи војната во Украина и тензиите во другите региони, климатската криза и пандемијата на Ковид-19 го доведоа светот „под поголем стрес отколку што беше“.
– Откажувањето од нуклеарното оружје е единствената гаранција дека тоа никогаш нема да се употреби, рече тогаш Гутереш.