Гутереш: Не е можно решение без формирање независна палестинска држава

Во контекст на израелско-палестинскиот конфликт, генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш изјави дека не е можно решение без формирање независна палестинска држава. Гутереш разговараше со египетскиот министер за надворешни работи Самих Сукри на прес-конференција одржана во Каиро.

– Би сакал повторно да нагласам дека меѓународното хуманитарно право мора да се почитува. Неопходна е и заштита на цивилите. Секој напад врз болница, училиште или објект на ОН е забранет и е спротивно на меѓународното право – рече Гутереш, додавајќи:

– Повикувам на две итни хуманитарни акции: Хамас веднаш и безусловно да ги ослободи заложниците и Израел веднаш да дозволи хуманитарна помош да ги задоволи најосновните потреби на луѓето во Газа.

Повикувајќи ги двете страни на примирје, Гутереш потсети дека луѓето во Газа немаат пристап до основните потреби како храна, вода и лекови околу две недели.

– Ниту едно решение не е можно без формирање на независна палестинска држава покрај Израел, со взаемна гаранција за безбедност, во согласност со меѓународните одлуки и договори постигнати меѓу двете страни – заклучи Гутереш.