Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди дека ширењето на технологијата за вештачка интелигенција (ВИ) ја зголемува заканата од нуклеарна војна и ги повика државите кои поседуваат нуклеарно оружје да се обврзат дека нема да бидат првите што ќе го користат.
„Режимот дизајниран да спречи употреба, тестирање и ширење на нуклеарно оружје слабее“, рече Гутереш во видео пораката што ќе биде објавена на годишниот состанок на Американската асоцијација за контрола на оружјето (АЦА) во Вашингтон, според Гардијан.
Предупредувањето на шефот на ОН доаѓа приближно 600 дена пред истекот на договорот за Нов почеток од 2010 година меѓу САД и Русија, последниот преостанат договор со кој се ограничуваат стратешките арсенали на двете нуклеарни суперсили.