
Грчки извори: Атина ќе преземе иницијативи и низа активности за ЕУ перспективата на Западен Балкан
Грција ќе преземе низа конкретни и координирани иницијативи во следните месеци за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, а министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис во текот на 2026 година ќе ги посети сите земји од регионот, брифираат високи грчки дипломатски извори.
Грција ќе преземе низа конкретни и координирани иницијативи во следните месеци за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, а министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис во текот на 2026 година ќе ги посети сите земји од регионот, брифираат високи грчки дипломатски извори.
Активностите и иницијативите се во пресрет на грчкото претседателство со Европската Унија во втората половина на 2027 година, а официјална Атина го продолжува она што го започна во 2003 година со Солунската агенда за интеграција на земјите од регионот во ЕУ.
Според истите извори, за Грција многу е важно до грчкото претседателство да бидат созреани условите за напредокот на земјите на нивниот европски пат.
Паралелно, високиот дипломатски извор нагласи дека еден од најголемите приоритети на грчката дипломатија во 2026 година ќе биде побрзиот процес на интеграција на овие земји, а Грција ќе продолжи да биде силата што ќе ја забрзува целата процедура.
Во пресрет на вчерашното учество на премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис на Самитот ЕУ-Западен Балкан, грчки владини извори брифираа дека Грција цврсто го поддржува проширување на ЕУ како инвестиција во безбедноста и стабилноста во регионот, но и дека станува збор за процес што зависи од постигнувањата на секоја земја-кандидат, како и тежок процес, што бара реформи и усогласување со предусловите на пристапниот процес.
Во однос на Западен Балкан, според истите извори, позицијата на Грција е дека иднината на регионот е во ЕУ и земјата цврсто ја поддржува европската перспектива доколку се исполнуваат условите и предусловите, особено добрососедските односи и почитувањето на обврзувачките меѓународни договори.
На вчерашниот Самит во Брисел учествуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој при пристигнувањето посочи дека „добро е кога Западниот Балкан е во оптиката на Европската Унија и тоа е охрабрувачки и за граѓаните од регионот, затоа што на тој начин се покажува интересот за нашата заедничка иднина“.
Премиерот посочи дека ние како држава многу одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, бидејќи нашиот пат започна пред 25 години, но поради „вештачи причини сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство“.
Според фотографиите од кабинетот на грчкиот премиер, вчера во Брисел имале разговор Мицкоски и Мицотакис.